Burak Bir,Nur Asena Ertürk
08 Септември 2023•Ажурирај: 11 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Највисокиот француски суд ја потврди забраната за носењето абаја, широка долга наметка што ја носат муслиманките, во училиштата, јавува Анадолу.
Државниот совет соопшти дека ја отфрлил жалбата на група за правата на муслиманите против забраната на Владата, која беше објавена минатиот месец.
Судот наведе дека забраната не е дискриминаторска кон муслиманите.
„Забраната не го нарушува правото на почитување на приватниот живот, слободата на вероисповед, правото на образование“, се наведува во одлуката на Судот.
Со владината одлука на учениците во државните училишта им се забранува видливо да носат знаци или облека која покажува приврзаност кон која било религија.
Винсент Бренгарт, адвокат на организацијата АДМ, којашто се бори за правата на муслиманите, поднесе жалба до Државниот совет кон крајот на август барајќи суспензија на забраната за носењето абаја, за која рече дека прекршува „неколку основни слободи“.
Претходно оваа недела, министерот за образование Габриел Атал рече дека повеќе десетици муслимански ученички одбиле да ги соблечат своите абаи во училиштата.
„Новата учебна година започна во понеделникот, и покрај новото правило 298 ученички дојдоа во училиштата во различни региони во земјата со абаја“, рече тој.
Француската Влада е на удар на критики за таргетирање на муслиманите со изјави и политики во последните години, вклучително и рации во џамии и добротворни фондации, како и со законот за „антисепаратизам“ кој поставува широки ограничувања на заедницата.