Associated Press
05 Октомври 2023•Ажурирај: 06 Октомври 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Спасувачите денес трагаат по повеќе од 100 лица исчезнати во поплавите предизвикани од неочекуваните поројни дождови кои зафатија неколку индиски градови во североисточните делови од земјата. Поплавите досега ги одзедоа животите на 14 лица, пренесува Анадолу.
Повеќе од 2.000 лица се спасени во поплавите што вчера ја зафатија Индија, соопшти Државната канцеларија за управување со катастрофи, додавајќи дека државните власти поставиле 26 хуманитарни кампови за над 22.000 лица засегнати од поплавите.
Новинската агенција „Прес траст оф Индија“ објави дека како исчезнати се водат 102 лица, а 14 лица ги загубиле животите.
Меѓу исчезнатите се 22 војници, соопштија официјални лица. Некои воени кампови и возила биле прекриени со кал по поплавите.
Поплавите урнаа 11 мостови и уништени се 270 куќи во четири окрузи, информираа властите.
Поплавите се регистрирани покрај реката Тиста, во долината Лахен, во индиската држава Сиким. Водата однела и делови од брана.
Неколку градови, вклучувајќи ги и Дикчу и Рангпо, се поплавени, а затворени се училиштата во четири окрузи.
Водата однесе и делови од автопатот што го поврзува главниот град Сиким со остатокот од земјата.
Планинскиот регион на Хималаи, во кој се наоѓа и Сиким, оваа сезона беше зафатен од силни монсунски дождови.
Речиси 50 лица загинаа во поплавите и свлечиштата што ја зафатија соседната држава Химачал Прадеш.
Катастрофите предизвикани од свлечишта и поплави се вообичаени во индискиот регион на Хималаите во текот на сезоната на монсуните од јуни до септември. Научниците велат дека овие настани се сѐ почести бидејќи глобалното затоплување придонесува за топењето на глечерите.
Во поплавите што ги зафатија северните делови Индија во февруари 2021 година животот го загубија речиси 20 лица.