Ömer Faruk Yıldız
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Најмалку 8 лица ги загубија животите при оружената интервенција на безбедносните сили за време на протестите што се организираат против воениот удар во Мјанмар и притворањето на членовите на Владата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени на веб-страницата „Мјанмар нау“ (Myanmar Now), Армијата на Мјанмар употребила вистински куршуми против демонстрантите за време на интервенцијата на протестите во градовите Аунгпан, Калав и Лоикав.
При интервенцијата војската пукала врз насобраните демонстранти во три града, при што од тие истрели животот го загубиле најмалку 8 лица, а најмалку 23 се ранети.
На видеата споделени на социјалните медиуми, може да се забележи како безбедносните сили со булдожери ги оштетуваат домовите и возилата на некои цивили во Аунгпан.
- Приведени се двајца новинари
Од друга страна, се дозна дека се приведени двајца новинари кои известувале за протестите.
Според веста објавена на веб-страницата „Мизима њуз“ (Mizzima News), еден од нејзините поранешни дописници е приведен во Јангон заедно со дописникот на „Би-би-си“ (BBC).
Во веста се истакнува дека засега не се знае каде се држат новинарите.
Петмина новинари, меѓу кои и дописникот на „Асошиејтед прес“ (AP), беа приведени на 27 февруари, а притворот им беше продолжен минатата недела.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.
Турција го осуди пучот, а различни реакции и критики во врска со пучот упатија и земјите од Западот.
Жителите на Мјанмар на 6 февруари започнаа демонстрации со барање за враќање на демократијата во земјата. Во интервенциите што безбедносните сили ги спроведоа против демонстрантите, животот го загубија приближно 90 демонстранти, а над 1.500 лица се приведени.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.