БРИСЕЛ (АА) - Иако Европскиот суд на правдата не ја прифати жалбата од страна на Унгарија и Словачка, за поништување на одлуката на Европската Унија (ЕУ) за воведената задолжителна квота за прифаќање бегалци од страна на земјите од ЕУ, и понатаму продолжуваат тензииите меѓу овие две земји и останатите членки на ЕУ по ова прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург, кој е највисок судски орган на ЕУ, на 6. септември го одби приговорот на Словачка и на Унгарија против квотите бегалци и ја потврди претходно донесената одлука.
Со оваа одлука се зајакна позицијата на Европската комисија за ова прашање да се изврши притисок врз земјите што одбиваат да ги прифатат бегалците.

Европската комисија го објави извештајот за планираното прераспределување на 160.000 бегалци од Италија и Грција, според воведените задолжителни квоти одредени пред две години, за секоја земја-членка на ЕУ, и колкав дел од тој план е исполнет, т.е. колку бегалци прифатила секоја земја-членка на ЕУ. Против Унгарија, Полска и Чешка, кои се однесуваа спротивно од донесената одлука, беше започната „прекршочна процедура“.
- Од 160.000 бегалци, само 27.695 се сместени -
Според извештајот, од 160.000 бегалци во Италија и Грција, само 27.695 се сместени во останатите земји-членки, а Унгарија и Полска не примија ниту едно лице.
Чешка прими 12, а Словачка 16 бегалци. Освен Финска, Ирска, Литванија, Луксембург, Малта и Шведска, сите останати земји се под 50 отсто од поставените квоти за преземање бегалци.
- И големите земји не ги исполнија своите обврски -
Германија, која според доделената квота треба да прифати 27.536 бегалци, досега прифатила само 7.852 лица, што е само 28 отсто. Франција според квотата, од предвидените 19.714 бегалци, досега прифатила само 4.278, што е 21 отсто од бегалците доделени според квотата.
Процесот што треба да заврши на 26 септември е потврден и со одлуката на Европски суд на правдата. Но земјите кои поднесоа жалба, и оние земји кои ги поддржуваат во тоа, изјавија дека нема да ја почитуваат одлуката.
- „Без одлука на Унгарците, никој не може да се насели во земјата“ -
Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, на одлуката на Европскиот суд на правдата се спротивстави со зборовите: „Одлуката за системот со квоти е неодговорна и неприфатлива. Всушност, војната сега започнува. Ќе бидат направени сите правни чекори, без одобрување од Унгарците да не може никој да се насели во Унгарија“.
Сијарто изјави дека донесената одлука ја втурнува во опасност цела Европа и е против интересите на Унгарците. „Европскиот суд донесе политичка одлука. Политиката го силуваше европското право. Одлуката којашто е во спротивност со Уставот покажува дека Европската комисија е над земјите-членки. Тоа е неприфатливо. Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја заштитиме државата“, изјави Сијарто.
- „Ќе работиме против задолжителната квота за прифаќање бегалци“ -
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо изјави: „Словачка ја почитува одлуката на Европскиот суд на правдата, но владата нема да го смени досегашниот став“, истакнувајќи дека ќе продолжат со неприфаќањето на задолжителната квота бегалци.
Премиерката на Полска, Беата Шидло, рече дека земјата е поврзана со ЕУ, дел е одУнијата, ги исполнува своите одговорности, но истакна дека Полска не планира да ја смени својата политика за бегалците.
Премиерката Шидло рече: „Го очекувавме ова. Бевме сигурни дека ќе биде донесена една ваква одлука, но таа на ниту еден начин нема да влијае на политиката кон бегалците од страна на полската Влада. Мислам дека и останатите земји од Вишеградската група (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) нема да ја сменат својата политика“.
- „Одлуката нема да стапи во сила“ -
Министерот за надворешни работи на Полска, Витолд Вашчиковски рече дека уште пред две години, на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ било кажано дека одлуката за задолжителните квоти е нелегална. „Безбедноста на Полска е многу поважна од одлуката што ја донесоа европските институции за бегалците. Затоа, одлуката на Европскиот суд на правдата нема да стапи во сила“, соопшти министерот Вашчиковски.
- „Очекуваме спроведување на одлуката без двоумење“ -
Германија, како една од земјите кои во рамките на планот имаат преземено најголем број бегалци, со задоволство ја прими донесената одлука. Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, изјави „Сега очекуваме сите наши европски партнери, без двоумење да делуваат во согласност со донесената одлука и да ја спроведат“.
- „Се прекршуваат основните принципи на ЕУ“ -
Италија реагира на однесувањето на земјите-членки на ЕУ што не ја спроведуваат одлуката за задолжителните квоти. Одговорниот потсекретар во Владата на Италија, Сандро Гоци, потсети дека донесената одлука се однесува на правото на секој човек на живот, на неговите основни животни права, владеењето на правото и почитување на законите. „Оние што не го почитуваат преселувањето на бегалците според задолжителните квоти, ги прекршуваат основните приниципи на ЕУ“, изјави Гоци.