Asiye Latife Yılmaz
03 Март 2026•Ажурирај: 04 Март 2026
ИСТАНБУЛ (AA) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ги отфрли тврдењата дека Израел ги турнал САД во војна со Иран, оценувајќи ги наводите како „смешни“, јавува Анадолу.
„Доналд Трамп е најсилниот лидер во светот. Тој го прави она што мисли дека е правилно за Америка. Го прави и она што мисли дека е правилно за идните генерации“, изјави Нетанјаху во интервју за телевизијата „Фокс њуз“.
Неговите изјави следуваа откако весникот „Њујорк тајмс“ објави дека Нетанјаху одиграл централна улога во насочувањето на Трамп кон војна со Иран, лобирајќи лично со месеци и работејќи на тоа да спречи дипломатските разговори да ги попречат плановите за воена офанзива.
Одговарајќи на тврдењата, Нетанјаху рече дека Трамп „ја разбира“ заканата што ја претставува Иран и дека не му е потребно убедување.
Осврнувајќи се на Иран, Нетанјаху изјави: „Техеран е посветен на вашето уништување“, обраќајќи се кон САД.
„Без разлика дали луѓето го разбираат тоа или не, лидерот мора да го разбере. Доналд Трамп го разбира тоа. Не мора да го вовлекувате во ништо. Тој го прави она што мисли дека е правилно, и тоа е правилно“, рече тој.
Извештајот на „Њујорк тајмс“, кој се повикува на лица со директни сознанија за разговорите – меѓу кои американски и израелски официјални претставници, дипломати, пратеници и разузнавачки извори – ја опиша одлуката на САД да го нападнат Иран како значајна победа за Нетанјаху.
Според извештајот, Нетанјаху првпат ја подигнал можноста за напад врз иранските ракетни локации при посетата на имотот Мар-а-Лаго на Трамп во декември. Два месеци подоцна, обезбедил поширока американска вклученост во кампањата насочена кон соборување на иранското раководство.
Израел претходно соопшти дека во саботата рано наутро започнал „превентивен“ напад врз Иран под името операција „Лавовски рик“ и прогласил „специјална и непосредна“ вонредна состојба низ целата земја.
Нападите дојдоа во време кога разговорите меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма се одвиваа со посредство на Оман. Новата рунда разговори во Женева завршија во четвртокот.
Од саботата наваму, нападите на САД и Израел, според извештаите, резултираа со убивање на повеќе високи ирански претставници, меѓу кои и врховниот лидер Али Хаменеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон објекти поврзани со САД во земјите од Заливот. Шест американски војници се убиени, а неколкумина се здобиле со тешки повреди.