Ekipa
09 Ноември 2016•Ажурирај: 09 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Доналд Трамп за изборот за претседател на САД, именувајќи го како вистински пријател на Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху изјави дека верува оти тие двајца ќе продолжат да го засилуваат единственото сојузништво меѓу двете земји и ќе го доведат на ниво повисоко од кога било.
Од друга страна, високопозициониран официјален палестински претставник изјави дека под раководство на новиот претседател Доналд Трамп, не очекува САД да ја променат својата политика кон израелско-палестинското прашање.
Саеб Ерекат, советникот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, изјави дека и двете страни, и републиканската и демократската страна во САД се посветени на решавање на спорот меѓу Палестина и Израел.
Во меѓувреме, со соопштение се огласи и претседателот Абас, кој му го честиташе изборот на Трамп за претседател на САД и посакал во текот на неговиот мандат да се постигне мирно решение.
Палестинците сакаат да се воспостави држава во Појасот Газа и во Источен Ерусалим, на територија којашто Израел ја окупира во 1967 година. Несогласувањето меѓу Абас и воинствените израелски лидери доведе до тоа сѐ уште да нема каков било договор за границата.
Советникот Ерекат во својата изјава нагласи: „Изнаоѓањето решение за двете држави е американски национален интерес, и мислам дека тоа нема да се промени со доаѓањето на новата американска администрација“.
Меѓутоа, Трамп предложи амбасадата на САД да се пресели во Ерусалим, иако САД не го признава израелското присоединување на делови од овој древен град.