Adam Abu-bashal
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
АБУЏА (АА) - Едно лице загина, а повеќе од 100 ученици се киднапирани во напад на вооружени лица врз медреса во западноафриканската земја Нигерија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на полицијата на државата Нигер, Васиу А. Абиодун, во писменото соопштение истакна дека вооружените лица, што со мотоцикли дошле до медресата „Салиху Танко“, отвориле оган.
Абиодун соопшти дека едно лице го загубило животот во нападот, а дека десетици ученици од медресата биле киднапирани.
Истакнувајќи дека сè уште не е познат бројот на киднапирани ученици, Абиодун рече дека безбедносните сили се испратени во областа каде што се случил инцидентот.
Апелирајќи до јавноста за смиреност, Абиодун рече дека учениците ќе бидат спасени.
Од друга страна, во вестите на националните медиуми се тврди дека повеќе од 100 ученици се киднапирани во нападот.
Употребата на мотоцикли е забранета во некои држави во земјата поради неодамнешните напади извршени со мотоцикли.
Во нигериските држави како што се Бенуе, Плато, Кацина и Замфара, од јануари досега повеќе пати учениците се киднапирани од училиштата.
Во некои држави во земјата образованието беше прекинато поради нападите насочени кон училиштата.