Ekipa
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Добитничката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусуфзаи, утрово ја заврши посетата на родниот Пакистан, која беше нејзина прва посета на земјата откако во 2012 година беше повредена во напад на талибанските милитанти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јусуфзаи помина четири дена во Пакистан, а локалните телевизии утрово објавија снимка од доаѓањето на 20-годишната добитничка на Нобеловата награда на аеродромот „Беназир Буто“ во Исламабад, од каде што со нејзиното семејство отпатува во Велика Британија.
За време на посетата Јусуфзаи се сретна со голем број пакистански функционери, а пакистанските медиуми објавија дека целото семејство изгледало среќно на аеродромот.
Во саботата Малала го посети и родниот град Сват во северозападниот дел на Пакистан, каде што ја посети родната куќа и се дружеше со пријателите од училиште.
Малала преживеа обид за атентат од талибанските милитанти, кои се противат на образованието на девојчињата. По ранувањето, таа беше лекувана во Велика Британија, каде што престојува сега и студира на Оксфорд.
Нејзината борба за право на образование на девојчињата стана планетарна приказна, а во 2014 година Малала стана најмладиот добитник на Нобеловата награда за мир.
Храбрата активистка за човекови права Малала во петокот ја прими и пакистанскиот премиер Шахид Хакан Абаси, кој ѝ порачал дека Пакистан е горд на неа.