Recep Şakar
10 Април 2019•Ажурирај: 12 Април 2019
МЕЛБУРН (АА) - По терористичкиот напад врз две џамии во градот Крајстчрч, Парламентот на Нов Зеланд со 119 гласа „за“ го усвои новиот Закон според кој во оваа земја се забрануваат сите видови полуавтоматски пушки од воен тип и сите пушки кои се користат за напад, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави радио „Нов Зеланд“, веќе 8 дена во Парламентот на Нов Зеланд се разгледуваа реформите околу користењето оружје во оваа земја. На гласањето, од 120 пратеници, 119 гласаа за новиот Закон.
По терористичките напади врз џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во градот Крајстчрч, во кои животот го загубија 50 лица и имаше уште 50 ранети, Парламентот на Нов Зеланд го изгласа Законот со кој се забрануваат сите видови полуавтоматски пушки од воен тип и сите пушки кои се користат за напад, кој ќе стапи во сила откако ќе биде потпишан од генералниот гувернер на Нов Зеланд, Патриша Реди.
- „Ова оружје е наменето за убивање“ -
Откако Законот помина во Парламентот, пред пратениците се обрати премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн. Таа во своето обраќање истакна дека пратениците од власта и опозицијата заедно направиле значаен чекор.
Посочувајќи на постигнатиот успех што по само 26 дена од терористичкиот напад, во Парламентот е усвоен новиот Закон за оружје, Ардерн го рече следното:
„Причината што сме собрани тука се жртвите и нивните семејства. Кога ги посетив ранетите во болница, ниту еден од нив немаше само една рана. Секој на себе имаше рани од повеќе куршуми. Имаше ранети кои се осакатени и ранети, на кои ќе им бидат потребни месеци за да заздрават. Овие луѓе целиот свој живот, покрај психолошките непријатности, ќе го поминат и со попреченост. За нив сме тука. Верувам дека и тие го поддржуваат она што го направивме тука, бидејќи ова оружје е наменето за убивање и осакатување“.
- Вредноста на оружјето што ќе се собере изнесува 200 милиони долари -
Премиерката Ардерн, информирајќи дека вредноста на оружјето што ќе се собере изнесува околу 200 милиони новозеландски долари, го рече следното: „За да ја осигуриме безбедноста на нашите граѓани, постои цена што треба да ја платиме“.
Според новиот Закон, ќе биде формирана екипа која ќе ја одреди цената на оружјето кое во рамките на општата амнестија ќе биде собрано.
Според критериумите наведени во Законот, оние кои во законскиот рок нема да го предадат оружјето, се соочуваат со затворска казна од 3 години или 4.000 долари парична казна.
Во терористичките напади врз џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во градот Крајстчрч, извршени на 15 март, животот го загубија 50 лица и уште 50 лица беа ранети.
Веднаш по нападот изјава даде премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, давајќи збор дека ќе го смени Законот за употреба на оружје во земјата.