Şenhan Bolelli
10 Април 2019•Ажурирај: 11 Април 2019
МАДРИД (АА) - Бројот на посветените католици-практиканти во Шпанија, во последните години драстично е намален, а 48,9 проценти од младите велат дека не се религиозни, јавува Anadolu Agency (AA).
Според „Секуларниот извештај“, подготвен од страна на Фондацијата „Ферер Гвардија“, процентот на нерелигиозните Шпанци којшто во 1980 година изнесувал околу 8,5 проценти, во 2018 година пораснал на 27 проценти. Кај младите меѓу 18-24 години, во 2005 година процентот на нерелигиозните изнесувал околу 35 отсто, а минатата година таа бројка се искачила на 48,9 отсто.
Во Шпанија оддалечувањето на младите од религијата се одразило и врз црковниот брак (венчавки во црква). Така, стапката на брак кој не е склучен во црква во 1992 година изнесувала 20,6 отсто, а тој процент во 2018 година е зголемен на 79,4 отсто.
Според извештајот, процентот на лица што ги извршуваат религиозните обврски според католичкото верување во 2000 година изнесувал 50,4 проценти, а минатата година таа бројка се намалила на 26,6 проценти.
Претседателката на Фондацијата „Ферер Гвардија“, Силвија Луке, оценувајќи го извештајот истакна: „Извештајот покажува дека 27 отсто од Шпанците не се религиозни. Ова е историски процент“.
Осврнувајќи се на извештајот на Европското социјално скенирање, Луке истакна дека Шпанија во однос на бројот на религиозните лица се приближува до Франција и додаде:
„Според извештајот од Европското социјално скенирање, најрелигиозна земја во Европа е Полска, со стапка од 91 отсто. Потоа следуваат Литванија (88 отсто), Италија и Ирска (74 отсто), Португалија и Австрија (73 отсто) и Шпанија (69 отсто). Во Франција само 53 проценти од населението се опишуваат себеси како религиозни. Во Шпанија, 40 години под диктатурата на Франко религијата била задолжителна, а сега новата генерација врз која не влијаел многу католичкиот национализам се приближува до Франција“.
Луке, нагласувајќи дека во извештаите сè уште не се почувствувало влијанието на сексуалните скандали во Католичката црква, истакна дека тој настан може народот на Европа да го оддалечи од религијата.