ХЈУСТОН (АА) - Новата имиграциска политика на американскиот претседател Џо Бајден со која се дозволува до 360.000 мигранти од Латинска Америка легално да влезат во Соединетите Американски Држави (САД) секоја година, доби мешани критики, пишува Агенција Анадолија (АА).
Бајден на 5 јануари го претстави својот нов план, кој е бланкетна политика за одвраќање на Кубанците, Хаиќаните, Никарагванците и Венецуелците кои илегално ја минуваат американско-мексиканската граница.
Според новите мерки, 30.000 мигранти од тие земји ќе можат легално да влегуваат во САД секој месец преку програма за овластување за работа за која е потребен спонзор кој е лоциран во САД. Подобните мигранти на кои ќе им се одобри влез ќе можат легално да живеат и работат во САД две години.
„Ја поздравуваме оваа нова политика бидејќи тоа е одличен прв чекор“, рече Лидија Гузман, директорка за национална имиграција на Лигата на обединети латиноамерикански граѓани (LULAC).
„Со оглед на законската можност, мигрантите можат да ја зајакнат нашата економија, да ја зголемат довербата на потрошувачите, да нè извлечат од рецесија, да ни помогнат да се справиме со недосладноста на синџирот на снабдување, мигрантите и нивниот придонес ја прават нашата нација голема“.
Во интервју за Агенција Анадолија (АА), Гузман истакна дека Лигата на обединети латиноамерикански граѓани врши притисок за соработка со администрацијата на Бајден „за да се помогне во создавањето значајни решенија“ за новата политика.
„Го поддржуваме предложениот план на претседателот бидејќи ќе им овозможи на мигрантите да аплицираат од нивната матична држава“, нагласи Гузман.
„Бараме администрацијата да работи со нас со цел да дојдеме до значаен план што ќе ја олесни работата за квалификување и за полесно аплицирање, бидејќи не секој има пристап до технологија или има семејство-спонзор во САД“.
Сепак, мигрантите од земјите кои не ги следат соодветните процедури и продолжуваат илегално да влегуваат во САД преку Мексико ќе бидат казнети со построги казни, меѓу која и итна депортација според „Насловот 42“, кој беше имплементиран во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп. Над два милиони мигранти се депортирани според мерката „Наслов 42“ од 2020 година.
Според новата политика, на депортираните ќе им биде изречена и петгодишна забрана за повторен влез во земјата, што се критикува од некои групи за застапување.
„Администрацијата на Бајден треба да преземе чекори за да го врати законот за азил на влезовите, а не да ги зајакнува суровите и контрапродуктивни политики од опусот на Трамп“, рече Елинор Асер, директорка за заштита на бегалците од „Хјуман рајтс фрст“ (Human Rights First).
„Секој ден, откога ќе стапат на сила овие политики, луѓето кои бараат засолниште ќе бидат одбивани и ќе бидат принудени да претрпуваат ужасни злоупотреби“, додаде Асер.
„Оваа субверзија на човековите права и законот за бегалци е дамка на кариерата на претседателот Бајден и неговата администрација што ќе нанесе неизбришлива штета на човечките животи, човековите права и системот за заштита на бегалците на глобално ниво“.
Центарот за образование и правни услуги за бегалците и имигрантите (RAICES), исто така, ја критикуваше најавата на Белата куќа на новиот план за имиграција.
„Во пракса, предложените мерки од администрацијата на Бајден-Харис го воскреснуваат најлошото од имиграциските политики на претходната администрација, и го отфрлаат процесот и практиката на барање азил. Новите мерки обезбедуваат лажно ветување за пристап до хуманитарна помош и се глуви на реалноста што ја преживуваат мигрантите на кои итно им треба засолниште“, се наведува во соопштението на групата со седиште во Тексас.
„Под безброј околности за живот или смрт што ги тераат поединци и цели семејства да бараат азил, апсурдно е да се очекува тие да резервираат лет и да спуштат мобилна апликација и да направат претходна резервација за заштита. Реалноста е дека овие мерки претставуваат продолжување на казнениот пристап кон имиграцијата на кој избраните политичари сè повеќе се потпираа во последниве години за да го уништат законското и правото на луѓето на азил“, се додава во соопштението.
Лигата на обединети латиноамерикански граѓани, пак, истакна дека администрацијата на Бајден континуирано работи на имиграциските прашања, земајќи ја предвид хуманитарната криза што остави стотици илјади луѓе или блокирани на границата меѓу САД и Мексико или депортирани назад во нивните матични земји.
„За жал, поради политиката, Републиканците ги блокираа сеопфатните имиграциски реформи и мерките за безбедност на границите што претседателот Бајден ги предложи на неговиот прв ден како претседател, а се спротивставија и на фондовите потребни за граничната безбедност“, рече Гузман.
„Насловот 42 треба да престане да се користи како алатка за депортирање. Насловот 42 е мерка за јавното здравје која никогаш не била наменета да се користи за контрола на имиграцијата.“
Илегалната имиграција во САД е проблем стар со децении. Од Лигата на обединети латиноамерикански граѓани порачаа дека е важно да се остави настрана политиката и да се стави фокусот на хуманитарната криза која се случува и која влијае на вистински човечки суштества.
„Мигрантите кои бегаат од своите земји бегаат поради реални закани по нивните животи, по нивните средства за живот“, рече Гузман.
Додека некои критичари сметаат дека новата имиграциска политика е „фластер решение“, Лигата на обединети латиноамерикански граѓани смета дека постои начин за трајно решавање на кризата, но нагласи дека ќе бидат потребни напори од двете партии во американскиот Конгрес за таа да стане реалност.
„Вистинското решение е да се донесе сеопфатен план за имиграција“, рече Гузман. „Оној што носи решенија за границата, оној што се однесува на основната причина за миграцијата и оној што ги одразува вредностите на основачите на оваа голема нација. Но, тоа треба да се започне со подготвеноста на Конгресот за завршување на оваа работа“.
„Го повикуваме Конгресот да усвои сеопфатен имиграциски Нацрт-закон за реформи и конечно да го поправи ова“, додаде таа.