Dilara Zengin
29 Октомври 2021•Ажурирај: 30 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Основачот и извршниот директор (CEO) на Фејсбук, Марк Закерберг, во пишана форма објави дека направиле радикални промени и додаде дека споменатите измени ќе обединат различни апликации и технологии под еден нов бренд, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наведувајќи дека новото име ја одразува инвестицијата на компанијата кон метаверзум, Закерберг истакна дека новата платформа ќе биде пооперативна, додавајќи дека станува збор за конкретен интернет кој луѓето не само што ќе го гледаат, туку ќе посакаат и да го искусат.
„Го нарекуваме метаверзум и ќе биде во допир со секој производ што го произведуваме“, истакна Закерберг.
Изјавувајќи дека луѓето во метаверзумот ќе можат да направат сè што ќе си замислат, Закерберг вели: „Во оваа иднина, ќе можете веднаш да се телепортирате како холограм во вашата канцеларија, на концерт со вашите пријатели или во дневната соба на вашите родители.“
Закерберг изјави дека се обидуваат да заземат поинаков пристап, со цел нивните услуги да бидат достапни за што е можно поголем број луѓе, т.е. дека работат на тоа да биде поевтино.
„Се надеваме дека во текот на следната деценија, метаверзумот ќе допре до милијарди луѓе, ќе биде домаќин на дигиталната трговија во висина од стотици милијарди долари и ќе ја поддржи работата на милиони креатори и иноватори“, рече Марк Закерберг.
- „Се надевам дека со тек на времето ќе нè гледаат како метаверзум компанија“ -
Посочувајќи дека брендот Фејсбук е цврсто поврзан со еден производ, Закерберг истакна дека сепак, дури и денес не е можно да се претстави сè што прави компанијата.
„Се надевам дека со тек на времето ќе нѐ гледаат како метаверзум компанија. Сакам да ја поврзам нашата работа и нашиот идентитет со она што го градиме“, рече Закерберг.
Наведувајќи дека ги опфаќа и социјалните искуства и идните технологии, Закерберг најави дека новото име на компанијата е „Мета“.
„Од овој момент наш приоритет ќе биде метаверзумот, а не Фејсбук“, рече Закерберг.
Во текстот Закерберг наведува дека акциите на Фејсбук на берзата во Њујорк од 1 декември ќе почнат да се тргуваат под шифрата МВРС .
Веста за промената на името на Фејсбук доаѓа во време кога американската Влада ја зголеми контролата врз деловните активности на компанијата. И сенаторите од двете партии во американскиот Конгрес жестоко го критикуваат Фејсбук.
Со промената на името на компанијата, апликацијата за социјални медиуми Фејсбук ќе биде позиционирана како една од другите нејзини подружници Инстаграм, ВатсАп, Окулус и другите подружници што ги поседува компанијата.