Mahmut Geldi
14 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Високиот советник за надворешна политика на претседателот Шеик Калиф бин Зајед ал Нахјан изјави дека претстојната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Обединетите Арапски Емирати ќе отвори нова страница во билатералните односи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анвар Гаргаш на Твитер напиша дека посетата на Ердоган на ОАЕ, „која се случува по посетата на Ал Нахјан на Турција (минатиот ноември), отвора нова позитивна страница во билатералните односи меѓу двете земји.
Гаргаш истакна дека посетата „е во согласност со насоката на ОАЕ кон зајакнување на мостовите на комуникација и соработка насочени кон стабилност и просперитет во регионот“.
Нагласувајќи дека ОАЕ продолжуваат да ги зајакнуваат каналите на комуникација со различни земји со цел да ја поддржат стабилноста и просперитетот на регионот и благосостојбата на својот народ, Гаргаш понатаму истакна дека „политиката на ОАЕ е позитивна и рационална и е во интерес на безбедноста, мирот и регионалниот развој“.
„Посетата на претседателот Ердоган на Абу Даби се случува во оваа рамка на стремежот за обезбедување на просперитетна иднина“, додаде тој.
Турскиот претседател денес ќе пристигне во дводневна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
„Посетата на Ердоган е на покана на Ал Нахјан“, се вели во соопштението на Дирекцијата за комуникации на Турција.
За време на разговорите ќе стане збор за билатералните односи меѓу Турција и ОАЕ и за чекорите за продлабочување на соработката.
Пред посетата, турското знаме и зборот „Добредојдовте“ на турски јазик беа проектирани на Бурџ Калифа, највисоката зграда во ОАЕ.
Амбасадорот на Турција во ОАЕ, Тугај Тунџер, сподели снимка на Твитер од светски познатиот облакодер осветлен со турското знаме.
Тунџер го коментираше видеото на кое беше вклучена турската химна.
„Историски ден во односите меѓу ОАЕ и Турција. Топло добредојде за претседателот Ердоган од Обединетите Арапски Емирати“.