Hakan Çopur
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) – Претседателот на САД, Барак Обама, на митинг на Демократската партија во Филаделфија изрази поддршка за поранешната министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, која е кандидат од Демократската партија на претстојните педесет и осми по ред претседателски избори, коишто ќе се одржат на 8. ноември, јавува Anadolu Agency (AA).
На говорот што го одржа на митингот во Филаделфија, Обама, во врска со здравствената состојба на Клинтон и прашањата во медиумите околу тоа, рече дека таа патува повеќе дури и од еден министер за надворешни работи.
- „Трамп воопшто не е компетентен да ја претставува оваа држава надвор од границите“ -
Споредувајќи го кандидатот на Републиканската партија, бизнисменот Доналд Трамп, со Хилари Клинтон, Обама рече: „Клинтон е со најдобри квалификации од сите кандидати досега. Другиот кандидат не е воопшто компетентен да ја претставува оваа држава вон границите, или пак да биде врховен командант“.
Обвинувајќи го Трамп поради тоа што јавно ги нема објавено даночните приходи, Обама изјави дека во ваков случај, еден кандидат да зборува за транспарентност е непоимливо.
- Обвинување против Трамп за „мрачна визија“ -
Осврнувајќи се на поврзаноста на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, Обама упати критика за деловната етика на Трамп и за „песимистичката визија за САД“. Изјавувајќи дека Трамп и Републиканската партија се обидуваат да ѝ наметнат една мрачна и песимистичка визија на САД, тој рече: „Ова не е Републиканската партија на Абрахам Линколн. Оваа партија нѐ свртува еден против друг, ова е песимистичка и мрачна визија, која ја свртува државата против светот. Тие не предлагаат сериозни решенија, само шират непријателство и омраза“.
Обама исто така изјави дека Трамп минатата недела се појавил на Руската државна телевизија и го обвини дека се обидува да му биде од корист на Путин.
Во врска со обвинувањата на Трамп против Фондацијата „Клинтон“, Обама рече дека таа фондација спасува животи низ целиот свет и додаде: „...додека пак Трамп, парите ги троши за да купи своја слика со должина од 1,8 метри во својата фондација“.