Fatih Erel,Bayram Altuğ
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Портпаролот на канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, Алесандра Велучи, истакна дека ОН нема да даде изјава во врска со дипломатскиот скандал што се случи во Холандија, во кој турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, беше спречена да влезе во турскиот конзулат во Ротердам, и додаде дека тие како ОН не се надлежни за ваквите случаи, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата што се одржа во канцелариите на ОН во Женева, новинарот на АА постави неколку прашања: „Не треба ли да се осуди Холандија поради тоа што го прекрши Виенскиот договор? На една турска министерка во Холандија не ѝ беше дозволен влез во конзулатот на сопствената држава. Зошто ОН молчи за овој случај? Не ги прекрши ли Холандија човековите и меѓународните права? Ако не ја осудите Холандија, како ќе ги осудите другите држави во иднина за слични случаи?“ Велучи на тоа одговори: „Нема да коментираме во врска со овој случај“.
„Ние како ОН нема да даваме изјава во врска со одлуката на една земја што таа одлука ја донела поради безбедносни причини“, одговори Велучи на поставеното прашање во врска со тоа што иако поминаа три дена, ОН не даде никаква изјава околу скандалозниот став на Холандија.
Велучи истакна дека како ОН, не се надлежни за овој случај, и дека само надлежните земји можат да дадат свои процени за овој случај.
- „Немаме канцеларии во Холандија, не сме во потполност информирани за случајот“
„Виенскиот договор е едно сложено прашање што е надвор од опсегот на нашата институција, и тој не е поврзан само со човековите права“, истакна Равина Шамдасани, еден од портпаролите на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, со што избегна да одговори на прашањето.
Еден од портпаролите на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, Руперт Колвил, во својата изјава за АА тврди дека немале информации во врска со тоа дека холандската полиција извршила насилство врз турските државјани кои се собраа пред конзулатот и протестираа против забраната.
Колвил истакна дека немаат канцеларии во Холандија, и поради тоа не биле во потполност информирани во врска со настанот во Ротердам.
По потсетувањето од страна на новинарот на АА дека снимките од насилството спроведено од страна на холандската полиција беа објавени во медиумите, Колвил соопшти дека детално ќе го истажат случајот, а потоа ќе можат да дадат изјава.