Zehra Ulucak
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Зехра Улуџак - Како резултат на вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) минатата година починале околу еден милион луѓе, наведуваат од Светската здравствена организација (СЗО) и агенцијата на ОН - УНАИДС, во пресрет на 1 декември - Меѓународниот ден за борба против СИДА-та, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на овие организации, на глобално ниво со ХИВ вирусот заразени се 36,7 милиони луѓе. Од овој број, 34,5 милиони се возрасни лица, а 2,1 милион се лица под 15 години.
Статистиката за минатата година покажува дека поголем е бројот на заразени женски лица на возраст од 15 до 24 години, во однос на машките лица на истата возраст.

Во однос на 2010 година, кога тој број изнесуваше 300.000, минатата година бројот на заболени малолетници е намален за 47 отсто.
Зголемен е процентот на пристап до антиретровирусните лекови кај бремените жени кои живеат со ХИВ. Лековите се користат со цел да се спречи пренесувањето на овој вирус на сѐ уште неродено бебе.
Меѓутоа, во 2016 година намален е бројот на починати лица од зараза со вирусот ХИВ, кој предизвикува СИДА. Во 2005 година бројот на починати лица изнесуваше 1,9 милиони, додека во 2016 година е намален на милион.
Меѓу оние што ја изгубиле битката со животот 890.000 се возрасни лица, а 120.000 се малолетни лица под 15 години.
Според извештајот на УНАИДС, околу 19,4 милиони лица во источна и јужна Африка се носители на ХИВ вирусот. Минатата година, со ХИВ заразени се најмногу, 790.000 лица, во источна и јужна Африка.
СЗО наведува дека голем број луѓе не се свесни дека се заразени со ХИВ. Дури 40 отсто од 14 милиони луѓе воопшто немаат информации дека се заразени со овој вирус.
Речиси 21 милион луѓе во светот денес живеат како носители на ХИВ вирусот и се на третман, бројот на смртни случаи е во опаѓање во многу делови на светот.
Меѓутоа, во источна Европа и централна Азија се бележи зголемување на нови ХИВ инфекции за речиси 60 отсто во однос на 2010 година, додека бројот на смртни случаи од СИДА истовремено е во пораст за 27 отсто.
И понатаму присутен е нерамномерен пристап до третманот за инфицираните лица со ХИВ, особено во западна и централна Африка, и сѐ уште се неопходни заложби со цел да се обезбеди правото на здравје за сите, без оглед на местото на живеење.