Ekip
07 Март 2023•Ажурирај: 08 Март 2023
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Сериски убиец во Бразил, кој бил осуден за 71 убиство и ослободен во 2017 година откако поминал 42 години во затвор, беше застрелан, објавија локалните медиуми, јавува Анадолу.
Педро Родригес Фиљо, познат како „Педрињо Матадор“, што во превод значи „малиот Педро убиецот“, е убиен во неделата во Општината Моги дас Круз во Сао Паоло.
68-годишниот маж, за кој се веруваше дека е еден од најозлогласените сериски убијци во Бразил, почина откако беше застрелан од двајца мажи, објави весникот „Метрополис“, наведувајќи дека тој бил застрелан неколку пати.
Педрињо бил пред својата куќа кога му пришле и пукале неколку напаѓачи, кои излегле од автомобил.
Педрињо тврдеше дека убил повеќе од 100 луѓе, меѓу кои и сопствениот татко, додека весникот „Глобо“ објави дека во последните години се прославил на социјалните мрежи и објавил автобиографија со наслов „Јас не сум чудовиште“.
Прв пат беше приведен во 1973 година, а потоа ослободен од затвор во 2007 година. Се врати во затвор четири години подоцна за да одлежи уште две затворски казни.
Властите се сомневаат дека убиството на Педрињо можеби е одмазда, а истрагата е во тек.