Emre Aytekin
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
МУЗАФАРАБАД (АА) – Цивилите загрозени поради конфликтот околу Контролната линија Кашмир, место на тензиите меѓу Пакистан и Индија, преместени се во безбедни засолништа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во областа Азад Кашмир, контролирана од Пакистан, околу 200 семејства се евакуирани од своите домови кои се наоѓаат во зоната на конфликтот, и сместени се во три засолништа подготвени од страна на Владата.
Пакистанскиот владин претставник Муазам Зафер изјави дека семејствата кои се под закана на воздушни напади, артилериски и минофрлачки оган, засолнети се во три згради и дека таму за семејствата е обезбедена храна и медицинска помош.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан во Кашмир ескалираа на 14 февруари, кога во бомбашки напад на парамилитарен конвој беа убиени 44, а ранети 20 индиски војници. Индија за нападот го обвини Пакистан, а официјален Исламабад ги отфрли обвиненијата и го осуди нападот. Индиските сили на 26 февруари извршија воздушни напади на кампот, кој се наоѓа на пакистанската страна на линијата на разграничување.
Тензиите ескалираа во средата кога пакистанската Војска сруши два авиона на индиската Војска кои го загрозија воздушниот простор на Пакистан. Од друга страна, три пакистански авиони влегле во воздушниот простор на Индија и предизвикале реакција кај индиските сили. Индиските медиуми тврдат дека Индија урнала еден пакистански борбен авион „Ф-16“.
Поради судирите во Кашмир, властите на Пакистан и Индија затворија поголем број аеродроми и воздушниот простор за цивилни летови. Пакистан соопшти дека дополнително го блокирал воздушниот простор за сите комерцијални летови.
Европската Унија, Турција, Германија, Велика Британија, Кина и Русија ги повикаа Индија и Пакистан на воздржаност.