Hajer M'tırı
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, денеска најави дека властите на таа земја до крајот на годината дефинитивно ќе го затворат бегалскиот камп во градот Кале, во кој моментално се сместени најмалку 7.000 бегалци од Блискиот Исток и од Африка, кои планираат да го продолжат патот до Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Францускиот претседател денес го посети пристаништето во Калаис, каде што истакна дека ситуацијата во кампот е неприфатлива.
„Секој тука го знае тоа. Мораме сосема и дефинитивно да го расформираме кампот, кој е хуманитарна катастрофа“, изјави Оланд.
Тој вети дека пред зимата, во потполност ќе го расформира кампот познат како „Џунгла“ и додаде дека во Франција веќе нема да има кампови.
„Ќе понудиме хумано и достоинствено добредојде за луѓето што ќе стекнат право на азил“, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд, истакнувајќи дека секој што нема да стекне статус на азилант во таа земја, ќе биде депортиран.
Францускиот претседател, исто така, ја повика Велика Британија да ја одигра својата улога во хуманитарните напори.
„Само поради тоа што Велика Британија одлучи да излезе од ЕУ, тоа не значи дека престанала нејзината обврска кон Франција“, изјави Оланд.
Оланд се состана со полициските службеници, вработените во пристаништето и политичарите, но не го посети кампот во кој локалните власти тврдат дека престојуваат 6.900 мигранти и бегалци, а активистите тврдат дека се работи за повеќе од 9.000 бегалци и мигранти.