Adam Abu-bashal
30 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
АБУЏА
Обединетите нации објавија дека 110 земјоделци се убиени, а голем број се ранети во нападот извршен од терористичката организација Боко Харам во државата Борно, сместена во североисточниот дел на Нигерија, известува Агенција Анадолија (АА).
Едвард Калон, координатор за хуманитарни работи на ОН за Нигерија, вчера за новинарите изјави дека терористите ги нападнале земјоделците што работеле на посевите со ориз во селото Гарин Квашебе.
Наведувајќи дека во нападот се убиени 110 лица и дека многумина се ранети, Калон истакна: „Ова е многу страшен напад. Им изразувам искрено сочувство на семејствата на цивилите што ги загубија своите животи во овој брутален напад, а на ранетите во нападот им посакувам итно закрепнување.“
Информирајќи дека во нападот се киднапирани голем број жени, Калон ја повика Владата да преземе мерки за пронаоѓање на киднапираните.
Претседателот на Нигерија, Мохамед Бухари, осудувајќи го нападот, изјави: „Целата земја е ранета од овие бесмислени убиства.“
Од друга страна, во вестите објавени во националниот печат се тврди дека во нападот животот го загубиле 44 лица.
Повеќе од 20.000 луѓе загинаа во масовните насилства спроведени од 2009 година досега од страна на терористичката организација Боко Харам, чии активности во Нигерија датираат од почетокот на 2000-тата.
Оваа организација од 2015 година спроведува напади и во соседните погранични земји Камерун, Чад и Нигер. Најмалку 2.000 луѓе загинаа во нападите на организацијата во сливот на езерото Чад, а приближно 3 милиони луѓе се раселени.