Büşra Selvi Öğütcen
30 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
КОЛОМБО
Во немирите што избувнаа во затвор со висока безбедност во Западната Покраина на Шри Ланка, животот го загубија 8 затвореници, а 45 беа повредени, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на полицијата, Аџит Рохана, соопшти дека осудениците предизвикале „немири“ во затворот со висока безбедност „Махара“, што се наоѓа на околу 15 километри северно од главниот град Коломбо.
Рохана за настанот го употреби изразот „немирите се претворија во бунт“.
Тој изјави дека стотици затвореници сакале да избегаат обидувајќи се да ја преземат контролата, и додаде дека чуварите отвориле оган за да ја задржат ситуацијата под контрола.
Рохана информираше дека 8 затвореници го загубиле животот, а 45 се повредени во инцидентот што се случи во затворот „Махара“, кој е еден од затворите со најголем број осуденици во земјата.
Наведувајќи дека неколку затвореници и двајца чувари се во тешка состојба, Рохана истакна дека безбедноста во затворот е зголемена со распоредување стотици претставници на безбедносните сили во затворот.
Според вестите објавени во локалните медиуми, затворениците протестирале поради зголемениот број случаи со Ковид-19 во затворот, барајќи нивно предвремено ослободување со кауција и подобри услови.
Повеќе од 1.000 затвореници се заразени со Ковид-19 во 5-те затвори со најголем број осуденици во различни градови на земјата, од кои најмалку двајца починаа.
Ковид-19 е откриен и кај приближно 50-тина вработени во затворите.
Во затворите во Шри Ланка со капацитет од 10.000 луѓе, сместени се повеќе од 26.000 осуденици.
Во последните неколку недели во голем број затвори избувнаа немири поради зголемувањето на бројот на случаи на зараза со Ковид-19. Еден осуденик почина минатата недела, а и во март, во слични немири што избувнаа во затворите.
Досега се откриени 22.988 случаи на зараза со Ковид-19 во земјата, од кои 109 лица починаа од последиците предизвикани од вирусот.