Emre Aytekin
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
КАРАКАС (АА) - Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) предупреди дека околу една третина од граѓаните на Венецуела се соочуваат со ризик од глад како резултат на тековната политичка и економска криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) објави извештај за потрошувачката на храна во Венецуела.
Според извештајот, истражувањата направени врз 8.375 домаќинства покажуваат дека околу една третина од населението страда од умерено и високо ниво на несигурност за храна.
Во извештајот се наведува дека 74 проценти од семејствата изјавиле дека поради економската криза морале да заштедат на различноста и квалитетот на потрошувачката на храна.
Како што се додава во извештајот, 60 проценти од семејствата изјавиле дека ја намалиле количината на храна што ја консумираат, а 33 проценти од анкетираните дека се согласиле да работат само за храна. Од друга страна, 20 проценти истакнале дека за да ги задоволат основните потреби за храна ги трошат заштедите.
Исто така, 10 проценти од испитаниците забележале дека имаат тешкотии во купувањето прехранбени производи поради високата инфлација во земјата.
Во извештајот, исто така, се нагласува дека околу 9,3 милиони луѓе во земјата имаат тешкотии во исполнувањето на основните потреби за храна и дека цените на храната, кои се зголемиле со високата инфлација, ги натерале Венецуелците да консумираат евтина храна, како што се коренести растенија и мешунки.