Ekipa
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
КАБУЛ (АА) - Авганистанските власти денес го потврдија првиот случај на коронавирусот Ковид-19 во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство, Ферозудин Фероз, на прес-конференција во главниот град Кабул соопшти дека е објавена вонредна состојба во покраината Херат, којашто граничи со Иран.
„Пациентот е во стабилна состојба и е во изолација“, додаде Фероз.
„Апелираме до сите Авганистанци да избегнуваат патување во Иран, физички контакт и разни собири“, рече министерот, бидејќи Иран денес соопшти над десет смртни случаи од коронавирусот.
Вчера, авганистанските власти истакнаа дека за три лица, кои се вратиле од иранскиот град Ком, постои сомнение дека се заразени со смртноносниот вирус.
Тие се наоѓаат во карантин, земени им се примероци крв, по што е утврден вирусот.
Владата побара од официјалните лица да започнат програма за контрола на коронавирусот со контролни пунктови на аеродромите, границите и пристаништата, особено во западните покраини Херат, Нимроз и Фарах, кои граничат со Иран.
Бројот на починати од коронавирусот во Кина се искачи на 2.594 лица, соопштија денес кинеските здравствени органи.
Надвор од континентална Кина, коронавирусот Ковид-19 се прошири во над 25 други земји, меѓу кои и во САД, Велика Британија, Сингапур, Иран, Италија, Франција, Русија, Шпанија, Индија и други земји.
Светската здравствена организација (WHO) поради вирусот прогласи состојба на глобална опасност.