Mustafa Keleş
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази длабока загриженост поради новите тензии во регионот Нагорно Карабах, до кои дојде по новите напади на азербејџанските позиции од ерменската страна, јавува Anadolu Agency (AA).
Службата за односи со јавноста на канцеларијата на Гутереш ја пренесе неговата изјава во која ги повикува двете страни да се воздржат од потези што го загрозуваат примирјето во пограничниот појас.
Првиот човек на ОН, Гутереш, исто така порача дека ги поддржува напорите на групата Минск и Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) во правец на редуцирање на тензиите и зачувување на примирјето во кризниот регион Нагорно Карабах.
„Неопходно е итно да се обноват мировните преговори за решавање на кризата во Нагорно Карабах, а невозможно е решението да се постигне по пат на војна“, порача Гутереш.
И генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтеберг синоќа упати слична порака во која ги повикува сите страни да се вратат на преговарачката маса и да се откажат од потезите со кои се ризикува мирот.
Ерменската војска во ноќта на 24. кон 25. февруари изврши напади на азербејџанските позиции долж линијата на разграничување. Тоа доведе до оружен судир по кој двете страни ги задржаа своите позиции.
Нагорно Карабах е регион во Азербејџан што на 6. јануари 1992 година еднострано прогласи независност. Поголемиот дел од населението се Ерменци кои сметаат дека регионот треба да биде дел од Ерменија. Регионот е под контрола на ерменската војска и на сепаратистите од ерменско-азербејџанската војна, која е завршена во 1994 година.
Обединетите нации го третираат Нагорно Карабах како азербејџанска територија, токму како и Советот на Европа. ОБСЕ уште од 1994 година, со цел мирно решавање на азербејџанско-ерменскиот спор во Нагорно Карабах ја основа групата Минск, предводена од три држави –САД, Франција, Русија.