Rania R.a. Abushamala
13 Август 2026•Ажурирано: 13 Август 2026
Повеќе од 20 цивили се убиени, а десетици други се повредени во судирите во југоисточниот судански град Гејсан, во близина на границата со Етиопија, соопшти хуманитарната канцеларија на ОН, пренесува Анадолу.
„Локални извори во државата Син Нил во вторникот известија дека повеќе од 20 цивили се убиени, а многу други се повредени во судирите во градот Гејсан“, соопшти вчера Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OЦХА) во Судан во изјава објавена на веб-страницата на ОН.
Ескалацијата на насилството раселила околу 2.500 луѓе од градот, се додава.
ОЦХА „го повтори својот повик до сите страни да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура и да овозможат помошта брзо, безбедно и без пречки да стигне до луѓето“.
Локалните власти во Гејсан, во државата Син Нил, во вторникот соопштија дека суданската Армија одбила напад врз градот од страна на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и нивниот сојузник, Суданското народноослободително движење-Север (СПЛМ-Н), без да дадат детали за жртвите или штетата.
Воени извори вчера претходно за Анадолу изјавија дека борбите меѓу Армијата и сојузот РСФ-СПЛМ-Н продолжиле во Гејсан втор ден по ред.
Армијата контролира големи делови од државата Син Нил, додека СПЛМ-Н се бори против суданската Влада од 2011 година, барајќи автономно управување за регионите Син Нил и Јужен Кордофан.
Одделно, ОЦХА соопшти дека работници за човекови права известиле дека дрон вчера изутрина го погодил Ел Обеид, главниот град на државата Северен Кордофан.
Во моментов нема информации за цивилни жртви, но еден од дроновите, наводно, погодил водна станица, што претставува сериозна загриженост во време кога пристапот до чиста вода останува еден од најголемите предизвици со кои се соочува градот, се наведува.
ОЦХА соопшти дека континуираните напади и несигурноста во северните делови на Северен Кордофан принудуваат сè повеќе луѓе да бараат засолниште во Ел Обеид.
Хуманитарните партнери проценуваат дека околу 15.000 семејства се раселени во градот во текот на изминатите три недели, што создава дополнителен притисок врз веќе преоптоварените места за раселени лица и основните услуги, се додава.
Судан е зафатен од конфликт од април 2023 година, кога избувнаа борби меѓу суданската Армија и РСФ поради плановите за интегрирање на паравоените сили во регуларната армија. Војната однесе десетици илјади животи, расели милиони луѓе и предизвика една од најтешките хуманитарни кризи во светот.