Ekipa
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
БЕЈРУТ (АА) - Околу 16.000 луѓе избегале од сирискиот град Алепо поради жестоките напади на сирискиот режим во источниот дел на градот, кој е контролиран од страна на опозицијата, изјави координаторот на ОН за хуманитарна помош, Стивен О'Брајан, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик генералниот секретар на ОН одговорен за хуманитарни прашања, Стивен О'Брајан, изрази загриженост за судбината на цивилите, истакнувајќи дека ситуацијата во Алепо е алармантна и дека во оваа област нема ниту една болница што е во функција, додека ресурсите со храна речиси се исцрпени.
Координаторот на ОН за хуманитарна помош рече дека се очекува дека уште илјадници луѓе ќе ги напуштат своите домови доколку борбите продолжат следните денови.
Во нападите извршени во источниот дел на Алепо од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и шиитските милиции, поддржани од Иран, бројот на убиените цивили се зголеми на 613, а околу 300.000 цивили се збиени на површина од 30 квадратни километри.
Режимските сили и шиитските милиции веќе 13 дена изведуваат воздушни и копнени напади врз населени места во источниот дел на Алепо, кој е под контрола на опозицијата.
Алепо, по Дамаск, е вториот по големина град во Сирија. Центарот на градот е 40 километри одалечен од турската граница. Поради нападите на режимот во последните две недели, ниту една болница и медицински центар не дава здравствени услуги. Во градот работат три пекарници. Покрај тоа, сите училишта во областа се затворени.