Bayram Altuğ
26 Април 2022•Ажурирај: 27 Април 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека од Украина, против која Русија започна војна, во соседните земји досега преминале 5.264.767 бегалци, а се претпоставува дека вкупниот број бегалци од оваа војна ќе достигне до 8,3 милиони, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на УНХЦР се споделени податоци во врска со бегалската криза во Украина.
Од 24 февруари до 25 април, 5.264.767 лица од Украина пребегале во соседните земји, од кои повеќе од половина во Полска - 2.922.978 лица.
По Полска следуваат Романија (782.598), Русија (614.318), Унгарија (496.914), Молдавија (435.275), Словачка (357.560) и Белорусија (24.578).
Од 18 до 23 февруари, од Доњецк и Луганск во Русија преминале 105.000 лица.
Се знае дека стотици илјади бегалци, кои од Украина преминуваат во соседните земји, потоа мигрираат во други европски земји.
Портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту, на прес-конференција во Канцеларијата на ОН во Женева истакна дека приливот на бегалци од Украина во соседните земји е на досега невидено ниво.
Таа рече дека претпоставуваат оти вкупниот број бегалци од оваа војна ќе достигне 8,3 милиони, и дека УНХЦР заедно со партнерите се во потрага по фонд од 1,85 милијарди долари за поддршка на украинските бегалци.
Според неа, во границите на Украина раселени се 7,7 милиони лица. „Досега поради оваа војна само во последните две месеца се раселени (вкупно) 12,7 милиони лица“, додаде таа.
Манту нагласи дека претпоставуваат оти околу 13 милиони лица се заглавени во зоните што се погодени од војната или не ги напуштиле своите места поради безбедносни ризици.
Од друга страна, портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи, Јенс Лерке, нагласи дека бројот на лица што имаат потреба од хуманитарна помош во Украина се искачил од 12 на 15,7 милиони.