Bayram Altuğ
11 Јуни 2021•Ажурирај: 13 Јуни 2021
ЖЕНЕВА (АА) – Мишел Бачелет, високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), истакна дека насилството во Мјанмар ескалирало по воениот удар, и предупреди дека ситуацијата во земјата за околу четири месеци е претворена во хуманитарна катастрофа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Канцеларијата за човекови права на ОН, Равина Шамдасани, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева ја прочита писмената изјава на Бачелет.
„Веродостојни извештаи покажуваат дека најмалку 1.860 лица, главно демонстранти, се убиени од безбедносните сили од 1 февруари“, се вели во соопштението на Бачелет и се додава дека 4.804 лица се во притвор.
- „Цивилите се користат како жив штит“ -
Посочувајќи дека 180.000 цивили ги напуштиле своите домови во последните три недели само во мјанмарската држава Кајах поради насилствата, Бачелет рече дека повеќето од овие луѓе избегале во шумите и дека водата, храната и здравствените услуги се крајно ограничени.
Таа истакна дека од сигурни извори има информации дека безбедносните сили на Мјанмар користат цивили како жив штит, дека се бомбардираат домовите на цивилите во многу региони и се блокира пристапот на хуманитарната помош.
- „Армијата е единствено одговорна за оваа криза, треба да одговара за тоа“ -
Нагласувајќи дека „Татмадав“ (Армијата на Мјанмар) има должност да ги штити цивилите, Бачелет нагласи дека меѓународната заедница треба да се обедини за да ги спречи нападите на „Татмадав“ врз цивилите.
Наведе дека насилството ескалирало низ целата земја по воениот удар, и додаде:
„За нешто повеќе од четири месеци, Мјанмар од кревка демократија се претвори во земја катастрофална за човековите права. Покрај загубата на животи, на луѓето сериозно им се повредени и социјалните и економските права. Военото раководство е единствено одговорно за оваа криза и треба да се бара одговорност.“
-Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, де факто челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата и понатаму траат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.