Betül Yürük
20 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) се загрижени за безбедноста на 400.000 цивили во Источна Гута, Сирија, која е под опсада на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, а загриженоста особено се однесува на децата во подрачјето, бидејќи немаат храна, лекови и не можат да ги задоволат основните потреби за живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Генералниот секретаријат на ОН, Фархан Хак, рече дека организацијата е загрижена за сè поинтензивните воени операции во Источна Гута кај Дамаск.
Потсетувајќи дека цивилите во Источна Гута од 15 февруари се цел на постојани артилериски и воздушни напади на режимските сили, Хак рече дека во вчерашните напади во областа Дума загинале најмалку 30 луѓе.
„Поради блокадата и постојаните напади во тоа подрачје невозможно е да се испорача хуманитарната помош. Најмалку 69 лица се соочени со екстремна неухранетост, а 127 деца буквално се борат да преживеат“, рече Хак.
Укажувајќи на недостатокот од хигиенски средства и лекови, Хак рече дека во Источна Гута се зголемува ризикот од ширење заразни заболувања. Тој додаде дека се регистрирани случаи на туберкулоза, тифус и други болести.
Источна Гута е под контрола на силите на сириската опозиција, а регионот е под тотална опсада од страна на режимските сили веќе шест години.
Во последниве неколку месеци силите лојални на режимот ги интензивираа нападите врз населените места, а до прекин на нападите не дојде и покрај тоа што ова подрачје со мировниот процес во Астана е прогласен за зона без судири.