Bayram Altuğ
29 Декември 2020•Ажурирај: 30 Декември 2020
ЖЕНЕВА
Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права (OHCHR) соопшти дека е „длабоко вознемирувачко“ тоа што притворената активистка Луџејн ел Хезлул во Саудиска Арабија е осудена на затвор од 5 години и 8 месеци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права (OHCHR) во соопштението објавено на својот профил на социјалната мрежа Твитер повика на итно ослободување на Хезлул, која е во притвор 2,5 години.
„Хезлул без докази е веќе во притвор 2,5 години, длабоко вознемирувачки е да биде осудена на затвор од 5 години и 8 месеци. Мислиме дека итното ослободување е можно и тоа го поддржуваме многу силно“, се нагласува во соопштението.
Во веста објавена во весникот „Сабк“ („Sabq“), со седиште во Саудиска Арабија, се наведува дека Хезлул е осудена на затвор за „вмешаност во криминални активности во рамките на борбата против тероризмот, за финансирање тероризам и обид за промена на режимот со странска поддршка“.
Експертите за човекови права на Обединетите нации повикаа на итно ослободување на жената активистка, чие судење во Саудиска Арабија започна на 10 декември, и исто така да бидат отфрлени „неоснованите“ обвиненија против неа.
Хезлул се состана со Комитетот на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) во февруари 2018 година за да ги сподели своите забелешки за состојбата со правата на жените во Саудиска Арабија.
Се забележува дека Хезлул е притворена во мај 2018 година, три месеци по нејзиниот состанок со Комитетот на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW).
Некои организации за човекови права тврдеа дека активистката Хезлул била измачувана.
Од друга страна, Саудиска Арабија ги негираше овие обвинувања.