Bayram Altuğ
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесар на ОН за човекови права, Зеид бин Раад Зеид ал Хусеин изјави дека состојбата во Аракан е школски пример за етничко чистење, јавува Anadolu Agency (AA).
Хусеин денес во седиштето на ОН во Женева потсети дека податоците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) покажуваат дека во изминатите три недели, 270.000 аракански муслимани побарале засолниште во Бангладеш.
„Според добиените информации, многу луѓе останале помеѓу Мјанмар и Бангладеш“, изјави Хусеин, кој додаде дека силата користена во акциите е очигледно непропроционална со бунтовничките напади изведени минатиот месец.
Хусеин изјави дека многу извештаи и сателитски снимки што ги доставија локалните извори на ОН покажуваат оти припадниците на безбедносните сили на Мјанмар и локалната милиција ги палат селата на муслиманите и вршат егзекуции без судење.
Тој ја повика мјанмарската Влада да се откаже од тврдењата дека араканските муслимани сами ги палеле своите куќи.
Високиот комесар изјави дека мјанмарската Влада не им дозволила на членовите на Советот на ОН за човекови права да спроведат истрага во Аракан, и ги повика властите да му овозможи на УНХЦР да изврши истрагата.
Исто така, Хусеин ја повика Владата на Мјанмар да ја прекине воената операција и да престане со дискриминацијата на народот Рохинџа.
Илјадници муслимани загинаа во нападите што мјанмарската војска ги извршува во Аракан од 25 август, под изговор борба против вооружените милитанти.
Мјанмарската администрација не дозволува никој да влезе ниту да излезе од подрачјето, така што е невозможно да се утврди точниот број на настраданите.
Будистичките националисти и војската во нападите запалија повеќе од 150 села. Десетици илјади аракански муслимани и понатаму се обидуваат да побегнат од тоа подрачје.
Цивилите од Мјанмар бегаат преку планинските предели, реката Наф или преку морето, и преминуваат во Бангладеш.