Bayram Altuğ
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Судењето за убиството на новинарот Џамал Кашоги беше нетранспарентно, а казните се несразмерни на извршеното злосторство, се соопштува од ОН, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Саудиска Арабија, во случајот за убиството на новинарот Џамал Кашоги пет лица се осудени на по 20 години затвор, а три лица на затворски казни меѓу седум и 10 години.
Судот во Ријад донесе пресуда со која пет лица се осудени на казна од по 20 години, едно на десет и две лица на по седум години затвор.
Властите на Саудиска Арабија ги ублажија затворските казни за пет лица коишто претходно беа осудени на смртна казна.
Судот во Истанбул кон средината на април го прифати обвинението на 117 страници, што го поднесе турското Обвинителство во тој град, против вкупно 20 државјани на Саудиска Арабија осомничени за убиството на Кашоги, по кои е распишана потерница.
Првото рочиште започна на 3 јули пред 11. Кривичен суд во Истанбул, без присуство на обвинетите. Рочиштето започна со читање на резимето на обвиненијата, а продолжи со сведочењето на Хатиџа Џенгиз, свршеницата на убиениот новинар Кашоги.
Меѓу обвинетите се Ахмед Мухамад Асири и Сауд ал Кахтани, кои се товарат за планирање на убиството на Кашоги и согласно тој план одредиле егзекутори и им издале наредби. И за двајцата се бара изрекување повеќекратни доживотни затворски казни. Останатите 18 лица опфатени со обвинението се товарат за убиство со предумисла и за свирепо измачување на жртвата. Тие првично планирале да го вратат Кашоги во Саудиска Арабија, а имале и спремен план за убиство со давење ако жртвата не прифати да оди со нив. За 18 обвинети се бара изрекување повеќекратни доживотни затворски казни.
Новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, е убиен во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде што тој ден отишол на закажан состанок за издавање на лични документи за венчавка. По повеќедневното негирање, саудиските власти признаа дека Кашоги е убиен, а потоа судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни за петмината обвинети.
Уште тројца обвинети добија затворски казни во вкупно траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвиненија.
Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) во извештајот на 101 страница тврди дека убиството на Кашоги е чин што Саудиска Арабија го извела со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат валидни докази за неопходноста да се истражи вмешаноста на највисоките саудиски претставници во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.