Bayram Altuğ
28 Јуни 2020•Ажурирај: 29 Јуни 2020
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Портпаролот на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош (OCHA), Јенс Лаерке, истакна дека хуманитарната состојба во Сирија е ужасна, дека 11 милиони цивили живеат од хуманитарната помош на ОН, и нагласи дека Турција е клучен играч во помошта за оваа земја.
Портпаролот Лаерке во разговорот со Агенција Анадолија (АА) се осврна на хуманитарната состојба во Сирија и на активностите на ОН за помош во оваа земја.
Потсетувајќи дека Граѓанската војна во земјата влезе во 10-тата година, Лаерке рече: „Ова се совпаѓа со времето од Првата и Втората светска војна. Изненадувачки долго време.“
Тој предупреди дека хуманитарната состојба во Сирија достигнала до исклучително ужасни димензии. „Околу 11 милиони луѓе сѐ уште имаат потреба од помош, заштита и поддршка од ОН.“
Лаерке рече дека и епидемијата на новиот вид коронавирус, Ковид-19, има влијание на сириската економија. „Цените на храната растат. Луѓето немаат веќе залихи за да ги користат овие денови. Ќе гладуваат уште повеќе луѓе.“
- Апел за помош од 3,8 милијарди долари за Сирија -
Лаерке истакна дека во вторник (30 јуни) Европската Унија и ОН ќе одржат заеднички состанок „Донатори на високо ниво“ во Брисел, главниот град на Белгија, во врска со сириската криза.
Наведувајќи дека состанокот ќе биде одржан преку видеоконференција, Лаерке рече дека ќе се разговара за политичката ситуација во Сирија и дека добиле потврда за учество од 58 земји.
Лаерке истакна дека ОН годинава побарале 3,8 милијарди долари од меѓународната заедница за да им помогнат на цивилите во Сирија со храна, засолниште, чиста вода и здравствени услуги, но досега е собрана само една третина од оваа сума.
- „Турција беше прекрасен домаќин“ -
„Турција многу долго време (за бегалците) е прекрасен домаќин“, истакна Лаерке, потсетувајќи дека милиони цивили се засолниле во Турција, бегајќи од војната во Сирија.
Лаерке рече дека со фондот што ќе биде обезбеден на донаторската конференција во Брисел ќе им се помогне на Сиријците што се засолнети во соседните земји, вклучувајќи ја и Турција.
Тој, исто така, истакна дека ОН повикале на посебна донација од 5,8 милијарди долари за Сиријците во странство.
- „Судирите во Идлиб значително се намалени“ -
Истакнувајќи дека прекинот на огнот, што стапи на сила со договорот помеѓу Турција и Русија на 6 март 2020 година од 00:01 часот, во голема мера се почитува, Лаерке рече: „Видовме дека во последните два месеца значително се намалени судирите во Идлиб. Сепак, не можеме да кажеме дека ситуацијата во областа е целосно мирна. Одвреме-навреме се случуваат одредени судири. Но, вистина е дека судирите се намалени.“
- „Турција е клучна земја за Сирија од два аспекта“ -
Лаерке рече дека со прекинот на огнот во Идлиб не е решено сѐ, и соопшти дека на 2,8 милиони луѓе во регионот им е потребна помош од ОН.
„Турција е клучен играч за да може да им се помогне на овие луѓе. Затоа што [од Турција] секојдневно организираме широк спектар на прекугранични операции за помош. Минатиот месец го срушивме рекордот во оваа помош. Од Турција кон Идлиб поминаа 1.800 камиони за помош на населението во Идлиб“, рече Лаерке.
Тој истакна дека Турција во регионот е клучен играч од два аспекта. „Како прво, е домаќин на најголем број Сиријци. Како второ, е клучна земја за пренесување на хуманитарната помош кон жариштата во Сирија.“