Sinan Uslu
08 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
АНКАРА (AA) – Турските вооружени сили неутрализираа најмалку 1.028 терористи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ што се спроведува во сирискиот пограничен регион Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската војска соопшти дека турските воздушни сили во изминатите 24 часа уништија неколку терористички упоришта и неутрализираа најмалку 29 терористи.
Во соопштението се наведува дека од почетокот на операцијата во Африн се неутрализирани најмалку 1.028 терористи, и дека операцијата продолжува во согласност со планираното.
Операцијата во Африн е започната на 20 јануари во согласност со правата на Турција засновани на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, посебно на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијален интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година без судир им ја препуштија на терористите од ПЈД/ПКК контролата врз Африн, кој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат помеѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата на терористички групи во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 80-те години од минатиот век води терористичка кампања против Турција.