Опозицијата поднесе барање за импичмент на вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја
Главната опозициска Демократска партија денес поднесе предлог-закон за отповикување на Хан, а се очекува гласањето да се одржи во петок
ИСТАНБУЛ (АА) - Вршителот на должноста претседател и премиер на Јужна Кореја, Хан Дак-су, ќе се соочи со гласање за импичмент откако одби да назначи тројца нови судии во Уставниот суд, каде што треба да се одржи првото рочиште за судењето за суспендираниот претседател Јун Сук Јеол, јавува Анадолу.
Главната опозициска Демократска партија денес поднесе предлог-закон за отповикување на Хан, а се очекува гласањето да се одржи во петок, објави сеулски „Јонхап њуз“.
Предлогот за импичмент мора да биде ставен на гласање во период меѓу 24 и 72 часа откако ќе биде поднесен до Парламентот.
Претходно Хан рече дека нема да преземе чекор додека опозициските партии, кои доминираат во Парламентот со 300 места, не постигнат „компромис“ со владејачката Партија на моќта на народот (ППП).
Пред да го поднесат барањето за импичмент, пратениците го усвоија предлогот за назначување на Ма Еун-Хјеок, Јеонг Гие-сеон и Чо Хан-чанг за судии во највисокиот суд.
Јужна Кореја е во политички ќорсокак од април кога опозицијата го освои мнозинството во Парламентот и оттогаш ги отфрла политиките на Јун, кој беше отповикан на 14 декември поради неговото неуспешно воведување воена состојба.
Јун во шокантен потег воведе воена состојба ноќта на 3 декември, но беше принуден да ја повлече својата наредба откако опозициската партија ги мобилизираше пратениците кои побрзаа во Парламентот и усвоија предлог за укинување на воената состојба.
Шеесет и тригодишниот лидер е суспендиран од должностите, а Уставниот суд треба да го одржи првото рочиште во судскиот процес во петок.
Има шест месеци да одлучи дали Јун, кој се соочува со обвиненија за бунт и предавство, треба да биде сменет од функцијата или вратен на претседателската функција.
Исто така, Јужна Кореја во четвртокот воведе санкции за 15 севернокорејски ИТ-работници и еден субјект поради нивните наводни улоги во „незаконските киберактивности“ за финансирање на нуклеарниот и ракетниот развој на земјата.
Министерството за надворешни работи соопшти дека 14 од 15 лица работат во странство и заработуваат странски валути преку нелегални киберактивности, како што е кражба на крипто, за да го финансираат нуклеарниот и ракетниот развој на Северна Кореја.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.