Islam Uddin
11 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистан соопшти дека привремената Влада на Авганистан сака интеракција со меѓународната заедница и го повика светот да продолжи со позитивниот одговор за да се спаси земјата која е уништена од војна, од економски колапс, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на инаугуративната седница на состанокот „Тројка плус“ во Исламабад, пакистанскиот министер за надворешни работи, Шах Махмут Куреши, рече дека талибанците се заинтересирани за интеракција со меѓународната заедница и дека светот треба да го избегне повторувањето на грешките од минатото и да продолжи со позитивен ангажман.
„Денес Авганистан стои на работ на економски колапс откако меѓународното финансирање заврши. Стана тешко дури да се исплатат платите, а камоли да продолжат проектите за развој“, изјави Куреши на состанокот на кои присуствуваа специјалните претставници на Соединетите Американски Држави (САД), Кина, Русија и Пакистан.
„Обичниот човек се измачува со последиците на силната суша“, рече тој, додавајќи дека какво било „лизгање“ надолу, сериозно ќе го ограничи капацитетот на новата управата за раководење со Владата.
Состанокот „Тројка плус“ се реализира по три месеци бидејќи последниот состанок во Доха се одржа само четири дена пред преземањето на власта во Авганистан од страна на талибанците.
Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Авганистан, Хан Мутаќи, кој пристигна заедно со својата делегација во прва посета на Пакистан во средата, исто така присуствуваше на состанокот.
На 19 октомври, руските, кинеските и пакистанските специјални претставници за Авганистан се состанаа во Москва. Меѓутоа, нивниот американски колега го пропушти состанокот. Претходно, на 22 септември, тројцата специјални претставници исто така го посетија Кабул за да се состанат со талибанските лидери.
- САД повикани да ги одмрзнат средствата на Авганистан -
Во време на воведните зборови на состанокот, Куреши повторно ги повика САД да ги одмрзнат средствата на Авганистан и рече дека Обединетите нации (ОН) и нивните агенции мораат да најдат начин да допрат до обичниот авганистански народ и да помогнат да се стабилизира ситуацијата.
„Овозможувањето на Авганистан да пристапи кон своите замрзнати средства ќе се совпадне со нашите напори за обновување на економските активности и со тоа ќе ја придвижиме економијата на Авганистан кон стабилност и одржливост“, рече Куреши.
Владата на САД ги блокира резервите на Централната банка на Авганистан, и многу донатори и организации, вклучително и Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, ги стопираа плаќањата откако талибанците ја презедоа власта на 15 август.
Зборувајќи за улогата на продолжената „Тројка“, Куреши рече дека групата има поголемо значење и има клучна улога во играта.
„Уверени сме дека ангажманот на „Тројка плус“ со новата Влада на Авганистан ќе помогне за зацврстување на стабилноста, промоција на одржлив економски развој и помош за стеснување на просторот за терористичките организации кои дејствуваат од и во Авганистан.“
Највисокиот пакистански дипломат изјави дека како непосреден сосед, неговата држава има директен влог во мирот и стабилноста на Авганистан.
„Како соседи, ние го сносиме товарот од четири децении на конфликт и нестабилност во облик на мигранти, дрога и тероризам“, рече тој.
Во средата, Индија исто така беше домаќин на разговорот на високо ниво за Авганистан, во кој Кина и Пакистан не учествуваа како две држави кои имаат тензични врски и долгорочни гранични спорови со Индија.
На дијалогот во Њу Делхи присуствуваа седум други држави, меѓу кои Иран, Казахстан, Киргистан, Русија, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Во средата Кина најави дека нејзиниот претставник за Авганистан би присуствувал на состанокот „Тројка плус“ во Исламабад.