АНКАРА (АА) – Пакистан е шеста земја во светот според пренаселеноста. Оваа земја привлекува внимание со тоа што е единствената земја со мнозинско муслиманско население којашто поседува нуклеарно оружје. Во оваа држава има различни етнички групи, се зборуваат повеќе од 60 јазици, а по Индонезија е втора според бројноста на муслиманското население, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Реџеп Таип Ердоган беше во посета на Пакистан во ноември минатата година, на покана на пакистанскиот претседател Мемнун Хусеин, така што по 6 години беше остварена првата средба на претседателско ниво. Турскиот претседател Ердоган по три и пол месеци повторно ќе ја посети оваа држава, како учесник на 13. Самит за економска соработка во Исламабад.
Во оваа држава, која е шеста во светот според пренаселеноста, живеат 190 милиони жители. Се претпоставува дека населението во Пакистан до 2020 година ќе ја надмине бројката од 200 милиони.
Пакистан има богата етничка структура, која ја сочинуват Пенџапи, Паштуни, Синдхи, Сараики, Белуџи. Деведесет и шест проценти од населението го сочинуваат муслимани.

Во оваа држава живеат христијани, хинду, сики и будисти, официјален јазик е урду, а се зборува на околу 60 јазици. Пакистан во изминатите години донесе одлука англискиот јазик веќе да не е еден од официјалните јазици во земјата.
Пакистан има важна стратешка позиција. На североисток се граничи со Кина, на запад со Авганистан, на југозапад со Иран и на исток со Индија, со која двапати беше во војна.
По крвавата борба во 1947 година, Пакистан се оддели од Индија, која беше англиска колонија. Од независноста досега, во Пакистан се случија четири државни удари. Од формирањето на државата поминаа 70 години, а 34 години земјата беше управувана од војската.
Според административната поделба, Пакистан е составен од провинциите Пенџап, Синд, Хајбер Пактунва и Белуџистан, како и од некои автономни региони.
Државата е членка на повеќе меѓународни организации, како што се Обединетите нации (ОН), Исламската организација за соработка (ИИТ), Азиската банка за развој (АДБ), Организацијата за економска соработка (ЕИТ), Организацијата на осум развиени држави (Д-8) и други. Најголеми трговски партнери на Пакистан се САД, Соединетите Арапски Емирати, Кина и Авганистан.
Пакистан извезува памук, текстилни производи и житни култури, а увезува минерални горива, машини и електроматеријали.
Односите меѓу Турција и Пакистан, од независноста на државата во 1947 па досега, се засновани врз пријателство и братство.
Турција во Пакистан извезува апарати за комуникација, камери, радари, машини и опрема, а од Пакистан купува текстилни влакна, пластика, памук, полиестер и облека. Во Пакистан има над 100 турски фирми, а турските инвестиции се интензивираат претежно во областите енергетика, финансии, инфраструктурни проекти и во градежниот сектор.
Во Турција пак, исто така има над 100 пакистански фирми, кои работат на полето електроника, телекомуникации, машини, во трговскиот и во банкарскиот сектор.
- Одлучен став во борбата против ФЕТО -
Пакистан ѝ ја даде најголемата поддршка на Турција во војната за независност. Низ историјата, Пакистан постојано се солидаризира со Турција, а исто така е во тесна соработка со Турција и во решавањето на регионалните прашања. Пакистан застана на страната на Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО.
Пакистан, застанувајќи покрај Турција во рамките на борбата против ФЕТО надвор од границите на Турција, побара од 108 наставници од 23 училишта кои му припаѓаат на ФЕТО, заедно со своите семејства да ја напуштат државата до 20. ноември. Пакистан покажа политичка волја околу предавањето на овие училиштата на Турција.
На оваа тема се разговараше и за време на минатонеделната посета на Турција од страна на пакистанскиот премиер Наваз Шериф.
Односите меѓу двете држави во 2009 година добија корпоративна трансформација со Советот за соработка на високо ниво, чиј механизам подоцна се искачи на ниво Совет за стратешка соработна на високо ниво. Политичките и економските односи меѓу двете држави се водат и преку организациите како што се ИИТ, Д-8, ИЕТ.
- Договор за слободна трговија -
Друга важна област за двете држави е туризмот. Бројот на пакистанските туристи што ја посетиле Турција во 2014 година изнесува 48.420, а 59.700 ја посетиле во 2015.
Продолжуваат активностите за потпишување на Договорот за слободна трговија меѓу Турција и Пакистан.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим, на неодамнешната средба со пакистанскиот премиер изјави дека им ги дал потребните насоки на министерствата во врска со договорот, за кој смета дека ќе ги донесе на посакуваното ниво инвестициите и заедничките односи, и тој да биде завршен и потпишан во 2017 година.
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) отвори своја канцеларија во Исламабад во 2010 година. Во 2010 година донираше помош во износ од 55.000 долари, додека, пак овој износ во 2015 година се искачи на 610.000 долари. Претходната година, како официјална помош за развој, Турција му даде на Пакистан вкупна помош од 2 милиони долари.
Од друга страна пак, за време на посетата на премиерот Шериф во Турција беа потпишани повеќе договори во областа на економијата, енергетиката, одбраната, животната средина и урбанизмот, банкарството, здравството, како и во областа на културата и медиумите.
Најважна соработка меѓу двете држави е соработката во областа на одбраната. Минатата година, акционерското друштво за одбранбени технологии и трговија (СТМ), направи брод-снабдувач (за гориво), кој претставува најголем воен извоз на турската индустрија за одбрана, наменет за пакистанските поморски сили. Бродот беше спуштен во морето за време на церемонијата по повод независноста на Пакистан.
Бродот дизајниран за пакистанските поморски сили тежи 15.600 тони, висок е околу 155 метри, а поседува систем за снабдување во морето (РАС/ФАС) и можност за слетување и полетување на хелихоптер. Бродот може да достигне брзина од 20 јазли (37 километри на час).
- Историскиот проблем Индија – Кашмир -
Двете најголеми нуклеарни сили во Азија, Пакистан и Индија веќе повеќе од половина век не можат да го надминат проблемот со Кашмир, поради нивните различни ставови околу оваа територија. Пакистан стои зад ставот дека иднината на Кашмир треба да ја одредат неговите жители. Индија пак, врз основа на договорот од 1947 година, тврди дека Кашмир е дел од Индија.
Поминаа 69 години од недоразбирањето во врска со Кашмир, а досега околу 50.000 лица ги загубија животите, а 1,5 милиони луѓе останаа без своите домови.
Двете држави очекуваат првиот чекор да го направи спротивната страна, што пак придонесува за нерешливоста на ситуацијата. Регионалниот пролем стана меѓународен откако нуклеарното оружје влезе во равенката и откако темата борба против тероризмот влезе во светската агенда по 11. септември. Оваа земја е единствената муслиманска држава што поседува нуклеарно оружје. Пакистан истакнува дека овој тип на вооружување го поседува исклучиво во одбранбени цели.