Ekipa
17 Декември 2017•Ажурирај: 17 Декември 2017
КАРАЧИ (АА) - Најмалку осум лица загинаа, а 44 се повредени во самоубиствен напад врз црква во југозападниот пакистански град Квета, соопштија официјални лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Експлозијата се случила на пладне по локално време, кога околу 400 верници присуствувале на неделната молитва во црквата, јавуваат локалните медиуми.
Меѓу 44-те повредени, деветмина се во критична состојба, соопштија од болницата во главниот град на провинцијата Белуџистан.
Од полицијата наведоа дека нападот се случил кога четворица вооружени напаѓачи влегле во црквата, од кои еден се разнел на влезот, а другиот е убиен во престрелката со безбедносните сили.
Двајца од напаѓачите избегаа и сè уште трае полициската потера по нив.
Нападот остро го осуди пакистанскиот премиер, Шахид Хакан Абаси, наведувајќи дека терористите секогаш ги имаат за цел невините.
„Терористите немаат религија и нема да им дозволиме да го нарушат нашиот мир и нашите вредности. Тие ќе се соочат со целосната моќ на државата“, се наведува во соопштението на пакистанскиот премиер.
Министерот за внатрешни работи на Белуџистан, Сарфраз Бугти, ги пофали полициските напори и работата на безбедносните сили, поради, како што наведе, навремената реакција и спасувањето стотици граѓани кои останаа во црквата.
Во двоен самоубиствен бомбашки напад во 2013 година на црква во северозападниот град Пешавар загинаа 127 лица, а над 250 беа повредени.
Станува збор за најсмртоносниот напад на пакистанската католичка заедница во современата историја на земјата.