Ekipa
26 Мај 2021•Ажурирај: 27 Мај 2021
КАРАЧИ (АА) - Пакистан ја отфрли можноста да им дозволи на Соединетите Американски Држави (САД) да оперираат со воена база или да спроведуваат операции со беспилотни летала во соседен Авганистан од негово тло, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи, Шах Мехмуд Куреши, пред Сенатот или Горниот дом на Парламентот, истакна дека нема такви аранжмани со Вашингтон, долгогодишниот сојузник на Исламабад во таканаречената војна против тероризмот.
„Нека овој дом и пакистанската нација бидат сведоци на моето сведочење дека под водство на премиерот Имран Кан, нема да има американска база на пакистанско тло“, рече Куреши.
„Заборавете на минатото“, додаде тој, осврнувајќи се на основањето американска база во Пакистан за време на Студената војна против поранешниот Советски Сојуз.
„Ние нема да дозволиме кинетичка употреба на беспилотни летала, ниту пак сме заинтересирани да ги мониторираме вашите беспилотни летала. Ова е многу јасна политика на оваа влада“, изјави шефот на пакистанската дипломатија.
Појаснувањето дојде во време на наводи дека двајцата сојузници преговараат за ново решение за олеснување на идните американски антитерористички операции во Авганистан по повлекувањето на странските трупи во согласност со мировниот договор со талибанците постигнат во Доха во 2020 година.
Куреши ги нарече наводите неосновани и шпекулативни.
Неговата изјава дојде еден ден откако специјалниот пратеник на Русија за Авганистан, Замир Кабулов, рече дека соседите од Централна Азија, Таџикистан и Узбекистан, нема да му дозволат на Вашингтон да формира воени бази на нивно тло.
Според договорот од Доха, околу 2.500 американски и над 7.000 војници на НАТО ќе бидат повлечени од Авганистан до 11 септември оваа година. За возврат, талибанците треба да ги спречат терористичките групи и поединци да го користат авганистанското тло за загрозување на безбедноста на која било друга земја, вклучително и САД.