Aida Cako
24 Септември 2025•Ажурирај: 25 Септември 2025
СКОПЈЕ (AA) – Палестинците во централниот дел на Појасот Газа се соочуваат со тешка криза за вода и принудени се да пешачат долги растојанија за да најдат чиста вода, откако израелските напади уништија голем дел од водната инфраструктура, јавува Анадолу.
Жителите во Деир ал-Балах чекаат со часови на дистрибутивните пунктови под силното сонце, често само за да дознаат дека резервите се исцрпени.
„Нема вода, нема храна. Како што гледате, животот е тежок“, изјави еден човек кој поминал речиси два километри, но се вратил со празни раце.
Според Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, од октомври 2023 година израелските сили уништиле најмалку 112 пумпни станици и 720 бунари, систематски разградувајќи ја мрежата за водоснабдување.
Долги редици жени и деца со празни садови чекаат за ограничени количини вода, додека општините и организациите за човекови права го обвинуваат Израел дека ја користи жедта како оружје против цивилите.
Минатиот месец Канцеларијата за хуманитарни прашања на ОН објави дека 96 % од домаќинствата во Газа немаат сигурен пристап до вода, а девет од десет Палестинци не можат да обезбедат вода за пиење. Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) предупреди на „катастрофални“ услови, особено со екстремните летни горештини кои ја влошуваат кризата.
Истражителите на ОН неодамна заклучија дека Израел врши геноцид во Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени повеќе од 65.300 луѓе.