Associated Press
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
РИМ (АА) - Денес поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, се согласи дека обидот за елиминација на домородната култура во Канада низ резиденцијалниот школски систем што го водела црквата претставува културолошки геноцид, известува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи им се на новинарите во текот на летот од Канада, папата Франциск рече дека во текот на посетата на таа земја не го употребил изразот културолошки геноцид бидејќи тоа не му паднало на ум.
Канадската комисија за вистина и помирување во 2015 година утврди дека присилното отстранување на домородечките деца од нивните домови и сместувањето во училиштата за нивно асимилирање претставува „културолошки геноцид“.
Околу 150.000 деца од доцните 1800-ти до 1970-тите биле подложени на политика на присилна асимилација, која имала за цел да станат потполно христијански и канадски. Во училиштата широко била распространета физичката и сексуална злоупотреба, а децата биле малтретирани бидејќи го зборувале својот мајчин јазик.
„Точно е дека не го употребив тој израз бидејќи не ми падна на ум, но го опишав геноцидот, зарем не? Се извинив, побарав прошка за ова дело, кое било геноцид“, рече папата Франциск.
Франциск додаде дека повеќепати го осудил системот кој ги прекинал семејните врски и се обидел да наметне нови културни уверувања на генерации на автохтоните народи.
Папата во понеделникот побара јавно извинување и зборуваше за културолошкото уништување, но не го употреби изразот културолошки геноцид, како што се надеваа и очекуваа преживеаните од црковните училишта.
„Тоа е технички збор, геноцид. Не го користев бидејќи не ми падна на ум, но го опишав, и вистина е дека е геноцид“, рече папата Франциск.