Ekip
19 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
ПАРИЗ (АА) - Во Франција денес се одржува завршниот круг од парламентарните избори, а до пладне гласаа 18,99 отсто од гласачите, што е значително подобар одзив во однос на претходното гласање, известува Агенција Анадолија (АА).
Како споредба, излезноста во текот на вториот круг на парламентарните избори во 2017 година до пладне изнесуваше 17,75 отсто.
Вкупната излезност на гласачите на изборите во Франција и понатаму е мала и анкетите предвидуваат дека повеќе од 50 отсто од бирачкото тело ќе апстинира од гласањето.
Вкупно 1.148 кандидати се тркаат за 577 пратенички места во Народното собрание.
Денешните конечни резултати ќе бидат одлучувачки за претседателот на Франција, Емануел Макрон, со цел да ја продолжи програмата на својата влада во вториот мандат. За мнозинство во Парламентот потребни му се 289 пратенички места.
Неговиот сојуз „Ensemble“ (Заедно) најголем конкурент има во новоформираната левичарска коалиција „NUPES“ (Нова еколошка и социјална унија), на чие чело се наоѓа лидерот на екстремната левица Жан-Лук Меланшон.
Во првиот круг од гласањето одржано минатата недела, има многу тесна трка, во која сојузот на Макрон освои 25,75 отсто гласови, додека НУПЕС освои 25,66 отсто гласови.