Levent Tok,Adham Kako
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
ДАМАСК (АА) – Во Дамаск, главниот град на Сирија, каде што регионот Источна Гута е под опсада на режимот, состојбата на болните од бубрежна инсуфициенција секојдневно се влошува поради недостатокот на медицински средства. Одговорните лица од болницата изјавија дека починале тројца пациенти со бубрежни заболувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјализирана болница во Дамаск, која со здравствени услуги го покрива подрачјето на Источна Гута (регион кој е под опсада на режимот на Башар Ал Асад), издаде соопштение во кое се вели дека од нова година досега починале тројца пациенти со бубрежни заболувања, кои биле на дијализа.
На прес-конференција, претставници од болницата изјавија дека починал пациентот Мухамед Амра, кој се лечел на одделот за дијализа, со што бројот на пациентите што починале поради недостаток на медицински средства се искачил на тројца.
„Почина третиот пациент со бубрежно заболување, поради доцнењето на потребните медицински средства. Бројот на починати лица од бубрежна инсуфициенција во Источна Гута порасна на тројца“, се вели во соопштението на болницата објавено на социјалните мрежи.
Како причина за овие смртни случаи, во изјавата се посочува фактот дека завршиле средствата за дијализа, кои се очекувало да пристигнат пред една недела. „Режимот на Асад не дозволи и спречи во регионот да влезе хуманитарниот конвој на Обединетите нации (ОН)“, се вели во изјавата.
Пред да почине Мухамед Амра, починаа пациентите Фејза Али и Мухамед Јасин, поради тоа што не добија соодветна терапија за својата болест.
- Блокадата убива
Одговорните лица од Специјализирана болница „Дамаск“ потврдија дека во регионот има 39 пациенти кои се на дијализа и тие се во животна опасност, поради тоа што доцнат медицинските средства. Претседателот на одделот за дијализа во болницата даде изјава за АА преку интернет, но сакаше да остане анонимен, поради безбедносни причини. „Доцни влезот на средствата, кои се под блокада. Поради тоа, секое доцнење е причина за смрт на неколкумина пациенти што се лекуваат“, изјави тој.
„Апелираме до сите меѓународни здравствени и хуманитарни организации, очекуваме во најкраток можен рок да преземат активности и да ни дадат поддршка“, додаде тој.
Болницата во февруари упати итен повик за помош до ОН и до невладините организации, при што обелодени дека количеството на средствата за дијализа е при крај и оти услугата ќе може да се дава уште најмногу една недела.
Регионот Источна Гута, источно од Дамаск, во кој живеат околу 700.000 лица, се наоѓа под опсада од 2012 година досега. Поради блокада од страна на режимот, ОН и другите хуманитарни организации ретко се во можност да испорачаат хуманитарна помош во регионот.