Ayhan Şimşek
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
БЕРЛИН (АА) - ЕУ нема да ги затвори вратите на одбранбената соработка со Велика Британија по Брегзит, но ќе постави свои услови, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на Берлинската конференција за безбедност, Барние нагласи дека останатите 27 членки на ЕУ ќе продолжат во нивното продлабочување на одбранбената соработка, и покрај одлуката на Велика Британија за повлекување од ЕУ.
„Одбранбениот договор ќе дојде со сигурност, тоа е сигурно“, изјави Барние, осврнувајќи се на плановите на ЕУ предводени од Франција и од Германија за создавање независна и обединета одбранбена структура на ЕУ.
„Нема да чекаме на Велика Британија и нема да се ориентираме според принципите што доаѓаат од надвор“, нагласи Барние и додаде:
„Секако дека нема да ги затвориме вратите за Велика Британија, добредојдени се во секое време. Но условите ќе бидат наши“, нагласи тој.
Во септември, британската Влада сигнализираше дека ќе бара подлабоко безбедносно партнерство со ЕУ по напуштањето на блокот и оти и понатаму ќе придонесува за воените операции на ЕУ и за заедничките проекти за одбрана.
Барние нагласи дека по очекуваното повлекување од ЕУ во март 2019 година, Обединетото Кралство ќе стане „трета земја“ за ЕУ, а идното безбедносно партнерство, најверојатно, ќе има различни ограничувања.
„Трета земја, колку и да е блиска до ЕУ, не може да бара статус којшто е еквивалентен или е над оној на членот на унијата“, рече тој.
Тој исто така рече дека Велика Британија мора да ја почитува автономијата на донесување одлуки на ЕУ, и да биде свесна дека не може да одлучува за користење на одредени капацитети под европското знаме.
„Секое доброволно учество на Обединетото Кралство во европската одбрана ќе им даде права и обврски пропорционално на нивото на ова учество“, додаде тој.
Британските гласачи се изјаснија за напуштање на ЕУ по референдумот одржан пред една година, а преговорите за Брегзит се очекува да бидат финализирани во март 2019 година.
На самитот во декември ќе се одлучи дали преговорите за Брегзит ќе стапат во втората фаза, вклучувајќи го и трговското прашање.