Ekip
26 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Првиот круг политички преговори во рамките на мировниот процес за Либија започна денеска во Кабинетот на Обединетите нации (ОН) во швајцарскиот град Женева, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можам да потврдам дека либиските мировни преговори започнаа денеска во Женева. Преговорите се во тек“, изјави за АА портпаролот на Кабинетот на ОН во Женева, Реал Леблан.
Преговорите започнаа, и покрај претходните најави на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија дека нема да учествува во процесот.
Леблан изјави дека нема информации за делегациите кои учествуваат на преговорите, но дека знае дека преговорите започнале.
Обединетите нации вчера соопштија дека преговорите во Палатата на нациите во Женева ќе ги води Гасан Саламе, специјалниот претставник на Мировната мисија на ОН во Либија (UNSMIL).
Постојаниот претставник на Либија во женевскиот Кабинет на ОН, Тамим Баиу, за АА изјави дека преговорите се водат под покровителство на ОН и дека нема подетални информации за нив.
Политичките мировни преговори за Либија започнаа откако во неделата беше завршен и вториот круг на воени преговори кои во Женева се водени под покровителство на ОН.
„Страните се договорија нацрт-договорите да ги достават на нивните раководства за понатамошни консултации и повторно да се состанат наредниот месец и да ги продолжат разговорите, соопштено е од УНСМИЛ.
Воените преговори ги водеше Заедничката либиска воена комисија која се состоеше од по петмина делегати на Владата на национално единство на Либија и нелегитимните сили од источниот дел на Либија кои ги предводи Калифа Хафтар.
Во согласност со Резолуцијата 2.510 на Советот за безбедност на ОН, УНСМИЛ работи на воспоставување на примирјето и решавањето на кризата во Либија, со воени политички и економски преговори кои имаат за цел воспоставување траен мир во Либија.