Ekip
24 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
АТИНА
Уште една населба во Коринт е евакуирана вчера бидејќи пожарот кој избувна претходниот ден во Кенхереи моментално е надвор од контрола, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалникот на Коринт рече дека побарал од Владата и од локалните власти на Пелопонез да прогласат вонредба состојба на тоа подрачје бидејќи пожарите беснеат и не се под контрола.
Пожарот кој во средата избувна на југот на Грција и понатаму е активен и ги уништува куќите и шумските површини. Евакуирани се илјадници луѓе од неколку населби на југот на Грција.
Во настојувањата да го контролираат оганот, во населбата Кенхереи, во близина на градот Коринт, распоредени се 270 пожарникари, заедно со повеќе од 60 возила, 6 хеликоптери и 4 авиони. Засега нема извештаи за евентуални жртви.
Противпожарните екипи ги евакуираа жителите на селото Атхикиа, како и децата од еден летен камп во близина на неколку други населени подрачја.
Локалните медиуми наведуваат дека избувнале уште пет пожари на југот на Грција и во другите делови на земјата.
Во јули 2018 година, Грција претрпе еден од најголемите пожари во својата историја во приморското летувалиште Мата и во други подрачја источно од Атина, во кои смртно настрадаа 102 лица. Уништени се повеќе од илјада куќи.