Safvan Allahverdi
21 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео остро реагираше на одлуката на Меѓународниот кривичен суд (ICC) за започнување истрага против Израел за воени злосторства, јавува Агенција Анадолија (AA).
Откако главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд, Фату Бенсуда, вчера порача дека постојат разумни причини за продолжување на истрагата, Помпео упати писмена изјава.
„Со преземање на оваа акција, главната обвинителка отворено призна дека постојат сериозни правни прашања во врска со овластувањата на Судот за продолжување на истрагата. Ние сме против ова и против секоја друга акција што неправедно е насочена кон Израел“, порача Помпео.
Наведувајќи дека Палестина не ја гледаат како независна држава, Помпео тврди дека Палестина како држава нема право да зема учество во меѓународните институции и организации, вклучително и во Меѓународниот кривичен суд (ICC).
Попмео, исто така напоменува дека Соединетите Американски Држави (САД) и Израел не се членки на Меѓународниот кривичен суд (ICC), и додава:
„САД, исто така, го повторуваат својот долгогодишен приговор на какво било тврдење за надлежност на Меѓународниот кривичен суд (ICC) над државјани на држави што не се дел од Римскиот статут, вклучувајќи ги САД и Израел. Ние сме длабоко и цврсто определени кон постигнување сеопфатен и траен мир меѓу Израелците и Палестинците. Единствениот реален начин за ставање крај на овој судир се директните преговори.“
Меѓународниот кривичен суд на 16 јануари 2015 година донесе одлука за започнување прелиминарна истрага за воените злосторства кои ги има направено Израел.
Во текот на судскиот процес, лицата за кои е распишана потерница или е издаден налог за апсење можат да бидат уапсени во случај да отпатуваат во земја членка на Меѓународниот кривичен суд (ICC).
Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд (ICC) објави извештај за 2019 година со кој опфати девет земји. Бенсуда во извештајот истакнува дека верува дека е време да се преземат потребните чекори за завршување на прелиминарната истрага започната пред пет години за израелските воени злосторства.