Ekipa
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
ЈАУНДА (АА) - Речиси 416.000 лица во источниот дел на Демократската Република Конго (DRC) се раселени поради вулканска ерупција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација за хуманитарни работи (OCHA) соопшти дека во градот Гома продолжуваат постепено да се враќаат жителите што заминале по наредбата за евакуација на 27 мај.
Според OCHA, неколку цркви во различни населби одржувале неделни богослужби, вклучувајќи ги и оние лоцирани во црвената зона. Активностите во Гома полека продолжуваат, со неколку продавници отворени во некои области на градот.
Поручник-генералот Констант Ндима Конгба, гувернер на покраината Северен Киву, во саботата оствари посета на внатрешно раселените лица во градот Саке. Тој ги замоли да останат трпеливи во врска со нивното враќање во Гома.
Тој исто така ги увери дека властите работат во тесна соработка со странски експерти и Опсерваторијата за вулкани Гома (ОВГ) на соодветно решение што може да доведе до одржливо враќање на населението во Гома.
Според OCHA, Џулијен Палуку, министер за индустрија и поранешен гувернер на Северен Киву, останал во Гома од 24 мај за да ја следи состојбата во врска со ерупцијата и да оствари врска меѓу централните и покраинските влади, како и со Опсерваторијата за вулкани Гома (ОВГ).
Вулканот на планината Њирангонго еруптираше на 22 мај и протокот на лава се сврти кон исток кон соседна Руанда, при што животот го изгубија повеќе од 30 лица, а предизвикана беше огромна штета.
Опсерваторијата за вулкани предупреди и дека ризикот од нова ерупција е реален.
Најмалку 250 лица загинаа кога еруптираше кратерот на планината Њирангонго во 2002 година, додека над 120.000 жители останаа без покрив над главата бидејќи лавата течеше низ Гома.