Erbil Başay
24 Август 2020•Ажурирај: 25 Август 2020
БЕРЛИН (АА) - Портпаролот на германската Влада, Штефен Зиберт, изјави дека е неопходна стабилност во Источниот Медитеран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зиберт на прес-конференцијата што се одржа во Берлин рече дека за Германија е важно да продолжат разговорите меѓу Грција и Турција за прашањето за Источниот Медитеран.
„Источниот Медитеран е регион каде што ни треба стабилност, а не тензија“, нагласи Зиберт, додавајќи дека германската Влада прави напори за директни преговори меѓу Турција и Грција, и на тие средби да се разгледаат спорните теми.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, кој присуствуваше на прес-конференцијата, изјави дека министерот за надворешни работи, Хеико Мас, утре ќе ги посети Атина и Анкара.
Наведувајќи дека на состаноците особено ќе се разговара за тензиите во Источниот Медитеран, Бургер рече дека за да се најде решение двете страни треба да преземат чекори за воспоставување директен дијалог и за намалување на тензиите.
На прашањето дали може да се вклучи трета страна за изнаоѓање решение за конфликтот меѓу двете земји, Бургер рече: „Ако страните го сакаат ова, не може тоа да се отфрли. Важно е да се има директен дијалог меѓу двете страни.“
Одговарајќи на прашањето како го оценува тоа што Турција издаде нов NAVTEX (навигациски телекс) кој ќе трае до 27 август, Бургер рече дека таа изјава на Турција ја примиле со жалење.
„Продолжувањето на сеизмичкото истражување на турскиот брод во сегашната ситуација е чекор направен во погрешен правец. Сега има потреба од сигнали за намалување на напнатоста“, рече Бургер.
На новинарско прашање дали оваа недела во Берлин е планирана заедничка средба на турската, грчката и германската страна, Бургер рече дека оваа недела во Берлин ќе има политички средби на високо ниво, но дека не може однапред да каже дали ќе има други разговори во рамките на овие состаноци.