Kasım İleri
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џон Кирби, изјави дека ѝ се благодарни на Турција за поддршката за безбедно работење на аеродромот во Кабул „Хамид Карзаи“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со започнувањето на повлекувањето на САД од Авганистан, погледите се свртени кон Турција во врска со заштитата на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул. По средбата на министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, и американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, продолжуваат активностите во врска со безбедното работење на аеродромот.
Кирби на дневниот брифинг изјави дека сè уште има американски војници на аеродромот во Кабул и додаде дека откако ќе заврши целосното повлекување, ќе се направи проценка на ситуацијата на војниците што се таму.
„Сè уште разговараме со Турците за тоа како ќе се организира безбедноста на аеродромот и благодарни сме им за нивната подготвеност да го предводат тоа“, рече Кирби.
Одговарајќи на друго прашање на оваа тема, Кирби потсети на изјавите што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги даде минатата недела и додаде: „Имавме неколку продуктивни средби со Турците, ги видовте изјавите од средбите на министерот со неговиот колега. Нема блокада меѓу нас како што опишувате, ние работиме со Турците на некои модели и некои побарувања.“
Изјавувајќи дека Турција ја осигурува безбедноста на аеродромот „Хамид Карзаи“ во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“, Кирби истакна: „Бидејќи сите сили се повлекуваат од Авганистан, ќе треба да се договори кој друг ќе им помогне на Турците и на кој начин ќе се обезбеди таа помош. Тоа е она за што се разговара на преговорите што се во тек.“
Поддршката на Турција беше дел и од дневната агенда ред на прес-конференцијата на Министерството за надворешни работи, а американскиот државен секретар Нед Прајс изјави: „Во врска со повлекувањето од Авганистан и пошироката безбедносна состојба во земјата, со задоволство ја поздравуваме конструктивната улога на Турција, како и нејзината поддршка во дипломатскиот процес.“